Во рамки на едицијата „Современа мисла“ издавачката куќа Магор ја објави книгата „Креолизација на Европа; книжевност и миграција“ од италијанскиот книжевен критичар и професор по компаративна книжевност Армандо Њиши. Преводот од италијански јазик е на Катерина Миленова-Захариев.
Книгата е составена од четири есеи во кои авторот ги анализира новите феномени во европската литература пишувана од доселеници. Њиши нуди ново согледување на компаративниот метод во проучувањето на литературата, го разгледува статусот на емигрантот во современото општество и го дефинира терминот креолизација од деколонијалистичка гледна точка.
Оваа силна компаратистичка студија може да се чита и како еден вид интелектуален бунт против европоцентризмот, желба да се создаде платформа за дијалог меѓу мноштвото книжевни гласови во светот и нивните дискурси. Во сите есеи тонот на Њиши е полемичен, отворен и интелектуално контроверзен.
Книгата е особено интересна од аспект на новата интелектуална карта на Европа и новата книжевност, која дефинитивно ја менува перцепцијата за тоа што претставува национална, а што книжевност која ги надминува границите на јазикот и географските граници во кои таа е создавана.
Армандо Њиши (1946 г.) е италијански книжевен критичар и професор на Универзитетот „Ла Сапиенца“ во Рим. Тој се смета за еден од најистакнатите проучувачи на компаративната литература во Италија, но и во Европа. Преводи од неговите дела се објавени во Кина, Индија, САД, како и во повеќе држави во Африка и Латинска Америка.
Негови главни теми на интерес се деколонизацијата и транскултурализацијата.
Во 1991 година прв посочува на оформувањето на т.н. „италијанска книжевност на миграцијата“, и оттогаш го следи развојот на оваа литература, уредувајќи и објавувајќи книги и текстови на оваа тема.