Друштвото за издавачка дејност „Mакедоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата на Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“ на германски јазик, во превод на проф. д-р Волф Ошлис од Германија. Ошлис е и автор на обемниот аналитичен и студиозен предговор кон ова издание.
Несомнено е дека едно од темелните дела за македонската литература, култура, национална самобитност и идентитет е делото на Крсте Петков Мисирков „За македонските работи“. Тоа има фундаментална улога во самосознанието и самоорганизирањето на македонскиот народ во борбата за сопствен национален развој и сопствена држава.
„За македонцките работи“ е едно од делата што се посебно значајни за македонската самобитност и за македонската афирмација и несомнено е дека објавувањето на ова дело на други јазици е од исклучително значење за афирмација на историската вистина за Македонија.
На корицата на германското издание е објавена стара географска карта на Македонија од околу 1750 година изработена од Антон Бишинг, а картата е една од многуте од колекцијата на Ошлис на стари германски карти за Македонија.
————————
Волф Ошлис (Wolf Oschlies) е познат македонист, славист, политички научник, новинар и експерт за Источна Европа. Роден е во 1941 година во Конигсберг. Студирал славистика на универзитетот во Хамбург. Од 1973 бил вработен во Центарот за аналитика во германската сојузна влада. Исто така работел и во Институтот за источнонаучни и меѓународни студии во Келн. Од 1977 до 2006 работел и предавал како професор на Универзитетот во Гизен. Денес е публицист за Источна Европа и пишува редовно за мрежниот весник Евроазиски магазин и Пруски алгемајне цајтунг. Континуирано објавува статии посветени на Македонија.