Филмот „Животот на Пи 3D“ на познатиот режисер Анг Ли ќе биде дел од редовниот репертоар на киното Синеплекс од 18 декември.
Филмот кој е номиниран за најдобра режија и најдобра музика за претстојното доделување на Оскар, имаше можност да го погледне и скопската публика. Со огромно воодушевување публиката ги сподели своите впечатоци од филмот:
“Доколку се’ уште не сте се сигурни дали Анг Ли е еден од најголемите уметници меѓу филмаџиите, “Животот на Пи” конечно ќе ве увери во тоа. Едноставно, кога 3Д технологијата ќе ја искористите на најсуптилен можен начин, доловувајќи светови кои постојат и надвор од имагинацијата, тогаш триумфот на филмот е неминовност”.
– Игор Анѓелков, ФИЛМОПОЛИС, ТВ Телма
Анг Ли е можеби најразновидниот режисер на денешницата и е одличен избор за автор кој би го екранизирал бестселерот на Јан Мартен. За сите кои што не го гледале филмот, треба да видат на кој начин еден таков режисер ја употребува 3Д технологијата за раскажување на една фантастична приказна како што е Животот на Пи.
– Саша Станишиќ, режисер
„Одличен филм на Анг Ли. Покажува дека иднината на филмот е во приказната, што би рекол Кончаловски. А, ако е снимена супериорно со новите 3Д техники и анимации, тогаш филмот (и неговата иднина) е уште подобар(ра). Стариот мајстор Анг Ли внесува малку источен дух во холивудската продукција и не` тера на размислување. Животот на Пи е повеќе од ‘само филм со животни’, нешто што е секогаш убаво за гледање“.
– Владимир Љ. Анѓелов, Кинотека на Македонија