На 18-от Филмски фестивал во Сараево, кој се одржува од 06 до 14 јули, филмот на Теона Митевска се прикажува во главната конкуренција во која годинава има само девет филма. „Жената која ги избриша солзите“ ќе се натпреварува за престижната награда Срцето на Сараево.
Со претходните филмови, Митевска освојуваше награди во Сараево (Милан Тоциновски за најдобра машка улога со КАКО УБИВ СВЕТЕЦ и специјалната награда од жирито за ЈАС СУМ ОД ТИТОВ ВЕЛЕС). Тоа беше и последниот македонски филм на овој престижен фестивал во главната конкуренција.
Освен во Сараево филмот ќе биде прикажан и во главната конкуренција на Интернационалниот филмски фестивал во Бразилија, Бразил (од 18 до 23 јули) а потоа ќе биде дел и од Авторскиот филмски фестивал во Палиќ (од 14 до 20 јули) во програмата Паралели и судири.
На крајот од јули филмот на Митевска патува уште на еден фестивал, Two Riversides, 28 јули-5 август, каде е селектиран во програмата World under canvas каде се прикажуваат „впечатиливи филмови кои ги претставуваат последните трендови во уметничкиот и независниот филм од целиот свет, со акцент на европскиот.“ Селекторите се водат по критериумите како што се авторско кино, уметнички филмови, филмови кои се одликуваат со интересна форма, оригинален јазик.