Во среда (2 мај 2012 година), со почеток во 13:00 часот во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи комеморативна седница на Наставно-научниот и уметнички совет на Факултетот. Во рамките на седницата, за животот и делото на Милан Фирфов ќе говори Деканот на ФМУ проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска и ќе биде прикажан краток документарен филм за уметничката, педагошката и културната дејност на Милан Фирфов изработен од ИРАМ.
Милан Фирфов е роден во 1943 година во Скопје во семејство на истакнатите музички уметници, етномузикологот и композитор Живко Фирфов и првенката на Македонската опера, сопранот Данка Фирфова. Завршил Педагошка академија во
Скопје во 1963 година, на групата музичко воспитание, дипломирал на одделот за пијано (1969) во класата на Андреј Прегер, соло пеење (1970) во класата на Никола Цвејиќ и диригирање (1980) во класата на Душан Сковран и Станко Шепиќ, а магистрирал на одделот за соло пеење (1978) во класата на Зденка Зикова на Факултетот за музичка уметност во Белград. Како сестран уметник делувал во повеќе области: соло пеење, пијано, диригирање, музичка критика, педагогија и општествени дејности.
Бележи бројни настапи низ Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Шпанија и Холандија. Како солист баритон настапувал со Македонската филхармонија, Камерниот оркестар на Радио Телевизија Скопје, Детскиот хор „Пиколо“, Хорот на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Нишкиот симфониски оркестар и ансамблот „Света Софија“. Соработувал со диригентите Фимчо Муратовски, Ангел Шурев, Александар Лековски, Тома Прошев, Димитрије Бужаровски, Томислав Шопов, Сандро Занинович и Маријан Фајдига.
Најзначајните успеси како репродуктивен уметник Милан Фирфов ги остварува на полето на вокалните рецитали. Неговиот широк репертоар содржи стари мајстори, германски лид, француска соло песна, творештво на современите македонски композитори и останатите современи автори. Во 1972 година Милан Фирфов ја започнува соработката на со музичкиот уметник Димитрије Бужаровски кој се јавува како негов пијано соработник на огромен број настапи. Како резултат на оваа соработка Димитрије Бужаровски создава повеќе циклуси за глас и пијано чии први изведби ги доживуваат на концертите со Милан Фирфов. Поголемиот дел од рециталниот пеачки репертоар на Милан Фирфов е снимен во Музичката продукција на МРТ.
Како диригент настапувал со Хорот на Операта при МНТ, Хорот на Музичката младина на Македонија, Хорот на Музичко-балетскиот училишен центар, Хорот „Мирче Ацев“, Хорот на Факултетот за музичка уметност во Скопје, Хорот на Македонската радио телевизија и на машкиот октет „Хорот на Ангелите“, ансамбл формиран од самиот Фирфов во црквата Св. Архангел Михаил во Скопје во 1993 година. Покрај ова, во повеќе наврати диригирал со Македонската филхармонија, е основоположник и диригент на камерниот оркестар „Музикум Академикум“ (1996- 2000).
Како оркестарски диригент соработувал со: Ги Туврон – труба, Франција, Рита Кинка – пијано, Србија, Ласло Варга – виолончело, Будимпешта, Благоја Ангеловски – труба, Михајло Докузов – хорна, Михајло Куфојанакис – виолина, Васил Атанасов – обоа, Живко Фирфов – виолончело, Милка Ефтимова – мецосопран, Марија Муратовска – сопран, Нина Среброва – пијано, Гордана Јосифова – обоа, Марија Малинова – флејта и други.
Како оперски диригент, Милан Фирфов има реализирано над 40 изведби на „Шеќерната приказна” – музичката игра за деца од Димитрије Бужаровски, ја поставува и диригира „Приказна за штурецот и мравката” од Сотир Голабовски, а ја диригира и операта “Илинден” од Кирил Македонски. Првиот концертен настап Милан Фирфов го реализирал како пијанист во 1967 година на концерт организиран од Музичката младина на Македонија. Во 1970 година Фирфов настапил како пијано соработник на својата мајка, оперската певица Данка Фирфова, а како солист пијанист реализирал и снимки за Македонското радио.
Во периодот од 1977 до 1981 Милан Фирфов се јавува како рецензент во весникот „Нова Македонија” каде има објавено 104 рецензии за музичките настани во Македонија. Милан Фирфов го проведува својот работен век во Факултетот за музичка уметност во Скопје од 1969 година до неговото пензионирање во 2005 година, каде предава: пијано, свирење хорски партитури, свирење оркестарски партитури, хорско пеење и соло пеење. Тој е автор на Прирачникот за свирење хорски партитури во Це клучеви. Особено забележителна е неговата класа по соло пеење, во која се образувале Никола Китановски – тенор, Марјан Николовски – тенор, Магдалена Митевска – сопран, Билен Еминов – тенор, Александра Дукаетова – мецосопран, Лазар Стевановиќ – баритон, Ернест Ибраимовски – баритон, Марјан Стојановски – тенор и Марија Наумовска – сопран.
Покрај ова Милан Фирфов бил професор и на Факултетот за драмска уметност во Скопје, МБУЦ “Илија Николовски Луј” и Факултетот за уметности во Приштина. Во текот на своето 40-годишно делување Милан Фирфов е и особено активен на општествен план остварувајќи повее функции во Музичката младина на Македонија, Здружението на музичките уметници на Македонија, Тетовските хорски одзиви, фестивалот Охридско лето, Македонскиот музички совет, Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и Факултетот за музичка уметност во Скопје.
Милан Фирфов почина на 28 април 2012 година во Скопје.