„Денови на македонскиот мед 2012“ на улица Македонија

Оваа година по 7-ми пат на улица Македонија во периодот од 27 до 29 септември 2012 година ќе се одржи манифестацијата „Денови на македонскиот мед”.  Оваа манифестација, традиционално ја организираат Општина Центар и пчеларското здружение „Матица“.

Официјалното отварање на овогодинешниот настан е на 27 септември (четврток) со почеток во 12:00 часот пред спомен куќата на „Мајка Тереза“, каде што пред присутните ќе се обрати градоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ.

На улица Македонија ќе бидат поставени 35 штандови на пчелари од цела Македонија, на кои што ќе бидат креативно изложени и презентирани сите можни пчелни прозиводи: мед, матичен млеч, полен и прополис.

Манифестацијата, која што е од изложбено-продажен карактер ќе претставува особено доживување за граѓаните, бидејќи ќе опфати запознавање со органското пчеларење преку директен контакт со пчеларите, дегустација на пчелни прозиводи од разни штандови, како и едукација преку јавни трибини.

Официјалното отварање ќе биде збогатено со културно-забавна програма, а за посетителите се предвидени и низа активности во кои што учество ќе земат градинките од подрачјето на Општина Центар. Во програмата предвидени се сценско-музички точки, а ќе бидат претставени и најдобрите три цртежи на тема: „Медот дар од природата“, изработени од децата од градинките.

Веќе следната недела, веднаш по завршувањето на манифестацијата за дечињата од трите градинки: „13 Ноември“, „Кочо Рацин“ и „Р. Ј. Корчагин“ ќе се изврши презентација во рамки на едукативни работилници од пчелари (предавачи) од Пчеларското Здружение „Матица“ за корисните својства и благодетите од користењето на медот.

Впрочем, како и минатите години, манифестацијата „Денови на македонскиот мед“ ќе добие и хуманитарен карактер, бидејќи ќе биде посетена и од децата од „Дневниот центар за деца со церебрална парализа“-Скопје на кои што организаторите ќе им подарат мед и пчелни прозиводи.

За времетраењето на „Денови на македонскиот мед“, сите посетители ќе можат да дегустираат мед од сите штандови, како и специјален освежителен напиток „медолада“ кој што ќе биде специјално направен за оваа манифестација и ќе се служи бесплатно.

You May Also Like