Хуманитарен концерт „Пееме до ѕвездите“ за помош на битолската зоолошка

Детскиот хор „Ѕвончиња“, во сабота на 28 јануари, со почеток во 19:00 часот во Центарот за култура, ќе одржи хуманитарен концерт насловен „Пееме до ѕвездите“. Концертот е посветен на нашиот Тоше Проевски, а ѕвончињата ќе пеат песни од неговиот богат репертоар.

Детскиот хор Ѕвончиња е формиран во 2006 година од страна на вокалниот педагог и уметнички раководител , проф. Марина Коруновска. Во хорот членуваат деца од 3-16 годишна возраст и брои околу 40 членови.

Единствен е во поширокиот регион на Македонија и во текот на своето постоење бележи завидни резултати. Настапува на сите поважни манифестации, прослави и хуманитарни концерти, кои се секогаш позитивно оценети од медиумите и публиката.

Верувајќи во силата на музиката,верувајќи во  ангелските детски гласови, како и огромната желба на децата што членуваат во хорот да пеат за Тоше, се дојде на идејата да се направи еден ваков концерт. На концертот гости ќе бидат вокалната група „Мелодиум“, како и групата „Калабалак“ и нивните пријатели.

Средставата од концертот се наменети за изградба на живеалиште на нилското коњче од битолската Зоолошка градина.

Помагатели на овој концерт се Центарот за култура и ТВ Тера како медиумски покровител.

Влезниците се продаваат по симбилична цена од 70 денари и можат да се набават на касата на Центарот за култура , секој работен ден .

You May Also Like