„Денови на македонската култура“ во Украина

Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ утре (26 септември, 2012 година) во реномираниот Национален театар за опера и балет во Киев, Украина, ќе се обрати на свеченото отворање на манифестацијата „Денови на македонската култура“ што ќе се одржи на 26 и 27 септември во оваа пријателска земја.

Во рамките на манифестацијата, македонската култура ќе биде претставена со интересни содржини преку кои ќе бидат презентирани македонското културно наследство, македонскиот фолклор, а украинската јавност ќе се запознае и со репрезентативното македонско музичко и драмско творештво. Утре во изложбениот простор на Националното здружение на сликарите на Украина ќе биде отворена изложбата на 27 теракотни икони на кои се претставени 12 мотиви од Виничкото кале. Во Националниот театар за опера и балет концерт ќе одржат реномираните уметници Сихана Бадивуку на виолина и Маја Кастратовиќ на пијано, а истата вечер ќе има настап и Националниот ансамбл „Танец“. В четврток манифестацијата продолжува со театарската претстава „Александар“ во изведба на актерите од Драмскиот театар. Заменик-министерот Драган Недељковиќ, во рамките на својот престој во Киев, ќе оствари и билатерална средба со украинскиот министер за култура Мукхајло Кулинак.

You May Also Like