„Балкан фест“ во организација Турската национална телевизија

Под мотото „Од Балканските војни до Балканскиот мир“, утре (сабота, 1 септември 2012) со почеток во 20:00 часот, на плоштадот Македонија Турската национална радио телевизија – ТРТ ќе организира целовечерен концерт на традиционална музика наречен „Балкан Фест“.

Повод за фестивалот е 100 годишнината од завршетокот на Балканските војни, а на него ќе земат учество најпознатите ѕвезди од регионот, односно од Албанија, Косово, Хрватска, Србија, Бугарија Турција, Грција, Босна и Херцеговина како и Македонија.

Организаторот најавува вистински спектакл на кој сите посетители ќе имаат ретка можност да уживаат во звуците на најголемите фолк изведувачи од балканските земји како што се: Есма Реџепова (МК), Исмаил Лумановски (MK), Георге Христов (БГ), Теодосиј Спасов (БГ), Ирма Либохова ( АЛБ), Ханка Палдум (БИХ), Сузан Кардеш (ТУР), Сурки Туткун (ТУР), Серкан Чари (ТУР), Мирко Свенда(ХР), Ксенија Мијaтовиќ (СРБ), Шкурте Фејза (КС), Софиа Папазоглу (ГР), Христос Пападопулос (ГР).

Станува збор за исклучително познати ѕвезди како во своите земји така и пошироко во регионот. Некои од нив за првпат ќе се претстават пред македонската публика што претставува ретка можност за сите љубители на традиционалната музика. Сите од нив во своите соло настапи ќе бидат придружувани од голем симфониски оркестар, составен специјално само за овој концерт од 60 музичари кои доаѓаат од Турција, Македонија, Косово, Бугарија,  Србија, Босна и Херцеговина и Албанија.

Целиот настан ќе го снима во живо на ТРТ-1, а ќе се пренесува во живо и во останатите балкански земји. Целта на овој голем музички настан е дополнително меѓусебно запознавање на балканските народи и испраќање на порака дека музиката не познава граници и секогаш обединува.

You May Also Like