Под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија во вторникот (28 август, 2012 година) во Артиљерии на Арсенале, свечено беше отворен Павиљонот на Република Македонија на 13-тата Интернационална изложба на архитектурата – Биенале во Венеција.
Оваа година, во организација на Метамак колектив и со помош на Музеј на град Скопје, Република Македонија се претставува со изложбата „Архитектура во огледалото: возвишено и секојдневно“. Изложбата е составена од 27 архитектонски дела, поставени со заедничка основа на огледална површина. Кураторите м-р Саша Тасиќ и м-р Александар Радевски, за концептот на проектот, велат дека има трипартитна структура, ре-конструирани аналогни модели, централни огледални, внатрешни перспективи и перспективи од човечко око, како колажи со фрагменти од филмовите на Андреј Тарковски.
Интернационална изложба на архитектурата Биенале во Венеција е врвен настан од областа на архитектурата во светот на кој оваа година учествуваа 53 земји со своите Национални павиљони.
Македонскиот павиљон е сместен во Арсенале, простор во кој, покрај Џардини се сместени најголемиот број држави учеснички. Во деновите на пред отворањето, од 26 до 28 август, десетици илјади посетители, светски познати имиња од архитектурата и културата, политичари и новинари, беа дел од свеченостите. Голем дел од нив (Петер Цумтор, Заха Хадид), го посетија и нашиот павиљон изразувајќи пофалби и најпозитивни критики за идејата и изведбата на самиот проект.
13-тото биенале на Архитектура во Венеција ќе биде отворено до 25-ти ноември 2012 година.