Во четврток (1 ноември, 2012 година) со почеток во 20:00 часот, „Арапска ноќ“ во Домот на АРМ. Концерт на Марсел Калифе и Македонската филхармонија, под диригентска палка на Хишам Габр.
Диригент: Хишам Габр (Египет)
Солисти: МАРСЕЛ КАЛИФЕ – уд (Либан)
Рами Калифе – пијано (Либан)
Исмаил Лумановски – кларинет
Александар Петров – удиралки
Марсел Калифе е роден во 1950 година во Либан. Изучувал уд на Националниот конзерваториум за музика во Бејрут, по што станува професор на истиот конзерваториум и уште неколку други универзитети и локални музички институции. Во истиот период остварува турнеи низ арапските земји, Европа и САД како солист на уд. Во 1972 година тој формира музичка група во неговото родно село, со цел да го оживее музичкото наследство и арапскиот корал. Придружуван од оваа група, Марсел Калифе настапува низ целиот свет и сите најпрестижни концертни сали.
Марсел Калифе исто така е продуктивен композитор, компонирајќи дела за соло уд, камерни ансамбли, но исто така и дела за симфониски оркестар во кој вклучува оригинални арапски инструменти. Неговите композиции ги изведуваат повеќе светски оркестри, меѓу кои и Симфонискиот оркестар на Киев, Оркестарот на Академијата на Болоња, Камерниот оркестар на Сан Франциско, Кралскиот ливерпуслки филхармониски оркестар, Кралскиот симфониски оркестар на Оман, Катарската филхармонија итн. Калифе компонира и музика за танц, која придонесува за развој на нов жанр во танцот т.н. Блиско-источен балет. Компонира музика специјално наменета за документарни филмови, долгометражни филмови, а неговата веќе издадена музика е користена во повеќе холивудски продукции.
Делата на Марсел Калифе се високо оценети од публиката и критиката низ целиот свет. Неговата креативност, иновативност, хуманитарност, како и придонесот за промоција на уметностите и културата во арапскиот свет му ги носат најзначајните награди во овој дел од планетата, но и во светски рамки.
Во јуни 2005 тој е прогласен за „Уметник на мирот“ од УНЕСКО, за неговите уметнички достигнувања и хуманитарни придонеси. Во 2008 Марсел Калифе помага во формирањето на Филхармонискиот оркестар на Катар и е назначен за негов уметнички директор и композитор.