Драга, се враќам дома, со овие зборови легендарниот американски комичар Џеј Лено во петокот го одјави своето последно вечерно шоу на националната телевизија Ен-Би-Си.
Лено заминува во пензија по 22 години како популарен водител на Ноќното шоу со Џеј Лено на телевизискиот канал Ен-Би-Си, кое се емитуваше непрекинато, со исклучок на кусиот прекин во 2009 година поради планираното ангажирање на Конан О’Брајан на негово место. Поради слабата гледаност, телевизијата набргу го врати Џеј Лено на старото место.
Но, овојпат тој навистина се повлекува од шоуто. На местото на Лено, Ен-Би-Си го префрли комичарот Џими Фелон, кој досега го држеше терминот по полноќ, веднаш по шоуто на Лено.
Освен што ќе го промени водителот, Ноќното шоу ќе го промени и градот – место Лос Анџелес каде што досега се одржуваше, Фелон шоуто ќе го води од Њујорк.
Ноќното шоу на Ен-Би-Си се емитува од 1954 година, со водителите Стив Ален и Џек Пар, за од 1962 до 1992 година да го води Џони Карсон. Во последната епизода на Џеј Лено, водителот беше поздравен од голем број ѕвезди, најавувани од неговиот пријател Били Кристал. Меѓу нив беа Опра Винфри, Џек Блек, Шерил Кроу и Џим Парсонс.
Со месеци пред пензионирањето Лено тераше шега на сметка на директорите на Ен-Би-Си велејќи дека не можеле да дочекаат да го избркаат од емисијата, а по секоја неуспешна шега велеше „ми е гајле ионака си одам уште малку“.
Сепак и покрај шегите за сопственото пензионирање, во еден миг Лено се расплака, додека на публиката и раскажуваше за смртта на неговите родители во првите години од водењето на шоуто.