Нови 14 наслови од владиниот проект за превод на илјада стручни книги од кои се учи на врвните универзитети во светот беа промовирани денеска и со нив досега вкупно 874 се преведени, објавени и дистрибуирани на факултетите и во читалницата „1000 книги“.
Новите книги се од медицината, ветерината, меѓународната политика, информатиката, земјоделството и од други научни области. Меѓу новите наслови на денешната, 52-ра промоција од 2009 година, кога почна реализицаијата на овој капитален проект, премиерот Никола Груевски ја издвои книгата „Меѓународните односи и Европската унија“ на Кристофер Хил од Универзитетот Кермбриџ и Мајкл Смит од Универзитетот Лоубороу.
– Книгата ја проучува Европската унија како актер во меѓународните односи, ја проучува позицијата што таа ја поседува како сила на меѓународната сцена. Анализите во оваа книга овозможуваат разбирање на начините на кои ЕУ произведува меѓународни активности, но и на патиштата по кои меѓународната димензија влегува во внатрешните процеси на создавање на политиката во Унијата, рече Груевски.
Ги посочи и учебникот „Наука за виното“, зашто нуди детаљна дискусија за теоријата и примената на практиките во лозарството и винарството, како и „Принципите на паралелното програмирање“ од Калвин Лин и Лоренс Снајдер, како корисен учебник за софтверските инженери зашто, како што рече, Владата посветува особено внимание на развојот на информатиката.
За унапредувањето на македонското здравство, пак, смета дека ќе придонесат пет нови наслови од медицината – Учебникот по хирургија на Сабистон, Нелсоновиот учебник по педијатрија, „Принципите на неврологијата“, „Клиничка радиолошка окнкологија“ и „Сексуално преносливи болести“.
– Сите овие книги ни нудат големо знаење и најактуелна литература од најпрестижните универизтети во светот. Нивното значење ќе биде големо, како за образовниот систем и научната фела во Македонија, така и за праксата во сите области од чиј домен денеска промовираме книги и учебници, истакна премиерот Груевски на промоцијата во читалната „1.000 книги“, на која присуствуваше и министерот за образование и науика Спиро Ристовски.