Ќе се реставрира конакот во манастирот „Св. Никола“ во Љубанци

Стариот конак во манастирскиот комплекс „Свети Никола“ во скопското село Љубанци ќе се конзервира и реставрира, најави денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

sv Nikola ljubanci 3При посетата на манастирот, Канческа – Милевска изјави дека за санација на лошата состојба во која се наоѓа конакот, оваа и наредната година ќе бидат одвоени средства од буџетот на Министерството за култура.

– Манастирскиот комплекс на црквата Свети Никола од село Љубанци е еден од приоритетите во годишната програма на Министерството за култура. Минатата година се изврши целосен увид на состојбата на конакот, кога се увиде дека е во многу лоша состојба. Токму поради тоа надлежната установа Конзерваторски центар Скопје направи проценка на состојбата и изготвија проект за постојната состојба, истакна Канческа-Милевска.

Планирано е годинава да се направи демонтажа на покривот и изградба на потпорен ѕид, а ќе се објави и тендер за реставрација и конзервација на конакот.

sv Nikola ljubanci 2

Министерката рече дека иконостасот во црквата, кој е изработен од познатиот мијачки мајстор Дичо Зограф, е целосно реставриран и конзервиран од страна на недлежната институција.

– Очекуваме до крајот на наредната година да го видиме манастирскиот конак во автентична состојба кој ќе може да прими повеќе посетители, истакна Канческа-Милевска.

Манастирот Св. Никола во село Љубанци, сместен на падините на Скопска Црна Гора е комплекс од градби од 19 и 20 век. До 1960 година функционирал како машки манастир, а од 1998 г. е возобновен како женски манастир. Заради погодноста на планинската клима, за време на Втората светска војна манастирот претставувал воздушна бања за болни од туберколоза.

sv Nikola ljubanci 1

Министерството за култура за заштита на културното наследство, во Годишната програма, освен овој, има предвидено и многу други проекти за конзервација и реставрација на сакралното и културното наследство. Меѓу нив се проектот за конзервација на архитектурата на црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во општина Старо Нагоричане, конзерваторско-реставраторски работи на живописот на манастирскиот комплекс Св. Ѓорги, Кнежино од 14 век, конзервација на архитектурата и живописот на црквата св. Ѓорги во с. Курбиново…

sv Nikola ljubanci 4

You May Also Like