Хорот „Света Злата Мегленска“ на 24 место во Светот

Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ ќе  ја претставува Македонија на претстојните Светски хорски игри, кои ќе се одржат од 9 до 19 јули во Рига, Летонија, европската престолнина на културата за 2014 година.

hot_sveta_zlata_meglenska

 

На Хорската олимпијада, која годинава ќе се одржи осми пат ќе учествуваат повеќе од 460 хорови од 59 земји. Половината од нив се  од Европа.

Според пропозициите хоровите, ќе можат да учествуваат во шампионскиот натпревар (за меѓународни искусни хорови) и во Отворениот натпревар (за сите хорови).

Хорот „Света Злата Мегленска“ ќе учествува во шампионатот и ќе се натпреварува во три категории – црковна, световна и фолклор. За овие категории хорот подготви посебна програма од комплексни дела, од кои најголемиот дел првпат ќе прозвучат во Рига.

Програмата опфаќа композиции од Тодор Скаловски, Стојан Стојков, Александар Лековски, Драган Шуплевски, Запро Запров, Орландо ди Ласо, Лајош Бардош, Михаил Иванов, Артемиј Ведел и Франц Библ.
Во дел од програмата хорот ќе игра и ќе свири на традиционални инструменти.

Според диригентката на хорот Летка Димовска-Полизова, услов за квалификација на хорската олимпијада биле претходни настапи и освоени меѓународни први награди и сертификати на фестивали од „Музика мунди“ и „Интеркултур“, кои се организатори на Светските хорски игри во Рига.
– Во 2011 година се квалификувавме во Грац, каде што освоивме две златни и една сребрена награда и уште два сертификата што обезбедија директно учество на Олимпијадата. Покрај тоа, еден од важните услови е и да бидете дел од светската топ-листа на хорови до 500-то место, а ние сме на 200-то, додека во категоријата женски хорови сме на 24-то место меѓу 100 најдобри хорски ансамбли од светот – истакнува Димовска- Полизова, која со овие признанија доби и членство во светскиот хорски совет на диригенти на „Интеркултур“.

You May Also Like