Ќе се отвори Француско интернационално училиште во Скопје

Oд 1 септември во Скопје, во населбата Карпош, ќе почне да работи Француско интернационално училиште, единствено во Македонија за образование на француски јазик.

 

decaX

На почетокот училиштето ќе нуди два циклуса настава – за предучилишни деца (од три до шест години) и втор циклус – до 10-годишна возраст, што одговара на петто одделение во македонскиот образовен систем. Во следните години во план е да се отвораат и повисоки одделенија за повозрасни ученици.

Целата настава ќе биде на француски јазик и ќе ја водат професори од Франција, а настава по мајчин јазик (македонски или албански), како и англиски јазик, ќе имаат пет часа неделно.

Француското меѓународно училиште е раководено од Здружението на родители на деца франкофони (АПЕФ). Претседател на Управниот одбор и сопственик е Жан Франсоа Ле Рок, кој 17 години своите бизниси ги шири на Балканот. Француски интернационални училишта тој има отворено во Сараево и Одеса.

На средба со новинарите Ле Рок денеска изјави дека францускиот модел на образование е глобална алтернатива на англосаксонскиот образовен систем.

– Ова е вистински момент да се инвистира во Македонија, која се отвора кон странски инвеститори. Станува збор за програма која ја издава француското Министерство за образование и децата добиваат дипломи признати насекаде во светот. Планот ни е да имаме 60-ина ученици и нивниот број да се зголемува секоја година, изјави Ле Рок.

Задоволен е од работата на училиштата што ги има отворено во Босна и Херцеговина и Украина, во кои покрај деца на странски дипломати и на француски доселеници, учат и деца на деловни локални луѓе.

Школарината за една учебна година (десет месеци) за ученик од македонско семејство ќе чини 2.800 евра.

You May Also Like