Вечерва (сабота, 3 ноември 2012 година) во Националната галерија на Македонија (објект Чифте амам), во 19:00 часот ќе се одржи перформанс на уметницата Фитуре Исуфи-Која и Луан Дурмиши – соло пеач.
Концептуалниот дискурс отсекогаш го привлекувал вниманието на уметниците, бидејќи умее да даде плодно тло за разновидни авторски експлорации, во различни дисциплини, медиуми, како и тематско-технолошки поглавја. Визуелизација на идејата, одлуката уметноста да се поедностави, да се де-елитизира и секојневни нешта да бидат прогласени за продукт на креативен ангажман, како и вклучување на перформативниот аспект во генерирање на една комплексна авторска замисла е токму онаа дефинирачка категоризација кога станува збор за сеопфатното толкување на творештвото на младата Фиторе Исуфи – Која.
Нејзиното претставување пред македонската публика опфаќа неколку различни циклуси обработувани повеќе години, во различни медиуми и техники. Имено станува збор за проектите „Јас научив“, фото-инсталација и перформативна изведба, „Под ѓерданот“, видео со Луан Дурмиши – тенор и „Лубеници и балони“, слики, во техника на акрил на платно.
Во сите проекти клучен е концептуалниот систематизам кој како структура вертикално може да се вивисецира во делата на Која. Материјализација на нематеријалното, во смисла на одлука нешто што само по себе не е уметничко дело, да стане такво, да му се избрише аурата на секојдневен предмет со издвоено значење и емоционална вредност и да му се даде друга, естетска димензија („Јас научив“); потоа вклучување на аспект на интервенција врз еден оригинален и квалитетен уметнички процес како таков, со цел да му се даде поинаква материјализација и структурност, т.е. тој чин да стане арт перформанс, а не чиста изведба на a capella арија („Под ѓерданот“); или пак во платната, Која ја јукстапозира опонентноста на полното и празното, на масата и волуменот, на природната и вештачка облост и „напумпаност“, кои сами по себе имаат различни аспекти на уништливост, како алузија за актуелните состојбите во нашите квази пост-модерни, сеуште транзициски општества („Лубеници и балони„).
Кустос на изложбата е Ана Франговска. Изложбата ќе ја отвори г-а Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.
————————————————————————
Под ѓерданот
Видео/6:46 min/2012, Косово.
Линкови, каде што он – лине може да се проследи видеото:
http://dardamedia.com/Master_Color_final.mp4
http://dardamedia.com/Master-Color-final.avi
Луан Дурмиши – Тенор (1982) дипломирал во Факултетот за уметности во 2005 година, во насоката Музика – соло пеење, во класот на проф. Мерита Јунику – мецосопран. Уметникот е активен во домашната и меѓународната сцена, изведувајќи ги делата на најпознатите светски композитори. Тој е соло – пејач во Косовската Филхармонијата и опера. Исто така, тој е основач и раководител на Ансамблот „Реџо Мулиќи“, ансамбл којшто ја негува албанската класична музика пошироко во светот.
Тенор: Луан Дурмиши
Музика: Ѓакомо Пучини – Турандот “Несун дорма”
Камера: Берат Хасани
Монтажа: Берат Хасани
Пост продукција: Генц Сурдули