Денеска (петок, 14 февруари) во 20:30 часот на Факултетот за драмски уметности, во рамките на Академската сцена ќе биде изведена „Балканот не е мртов“ – испитна претстава од трета година, на студентите од катедрата Драмски актери – четврта година, во класата на вон. Проф. М-р Зоја Бузалковска и дем. Александар Степанулески.
Овој секогаш актуелен текст на Дуковски, беше одличен начин на студентите по предметот Актерска игра 6, да им се предаде методската единица Актерот во современиот театар. Текстот е напишан на јазик кој им е навистина близок, со структура која е отворена за најразлични читања и експерименти во поставувањето.
Со цел да се овозможи поцелосна слобода во читањето на текстот и во отворањето на современи, јасно читливи аспекти во драматургијата на Дуковски, преку кои ќе проговори една помлада генерација, но и да се потцрта важноста од креативно активно учество на актерот во еден театарски процес, студентите имаа задача за целосно осмислување на претставата, започнувајќи од прочитот на текстот и поставувањето на сцените, преку сценографските и костимографските решенија, до изборот на музиката која е дел од оваа испитна претстава.
Академска сцена е дел од Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и нејзината основна цел е да поттикне и овозможи развој на студентското културно и уметничко творештво, преку негова сценска промоција и афирмација.