Јужнокореецот Ко Ун го прими Златниот венец на 53-те Струшки вечери

Јужнокорејскиот поет Ко Ун вечерва го прими Златниот венец на 53-те Струшки вечери на поезијата …

Ko Un SVP

На меѓународниот поетски митинг „Мостови“, кој традиционално секоја година се одржува на Мостот на поезијата со врачување на Златниот венец на годинашниот лауреат јужнокореецот Ко Ун и доделување на наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ завршува 53-то издание на Струшките вечери на поезијата.

Годинашниот лауреат, јужнокорејскиот поет Ун е 49-от добитник на највисокото признание на фестивалот, кое се состои од филигрански изработен лавров венец. Наградата му ја врачи претседателот на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Славе Ѓорго Димоски.

Лауреатот Ун изрази задоволство за добиената награда на фестивалот на кој досега учествувале околу 5.000 поети од целиот свет во изминатиот половина век.

Пред неколку дена на средбата, македонскиот претседател Ѓорге Иванов му кажал дека јагулата од реката Црн Дрим, заедно со чистата струшка вода патува во Јадранското Море, па во Атланскиот океан и стигнува до мексиканскиот залив. -Неговиот збор ме просветли дека реката Црн Дрим всушност е почетна точка на поезијата, бидејќи ја носи својата судбина која тече и се шири од тука па низ Медитеранот, по Индискиот Океан, Црвеното Море, Арапското Море се до Тихиот Океан и дека Струшките поетски вечери ја носат важната мисија да го рашири својот поетски дух низ сите континенти. Научив и дека патот на ветрот, кој патува од небото на Охридското Езеро стигнува дури до небото над источна Азија. Тоа е патот на поезијата, рече Ун по примањето на „Златниот венец“.

Наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата за 2014 година и беше врачена на Вера Чејкоска за книгата „Моите веди“. Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант ја зема британскиот поет Хари Ман за дебитантската книга „Лифт“.

Педесет и третиот поетски фестивал свечено беше отворен во четвртокот со традиционално читање на Константиновата „Т’га за југ“ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата во Струга. По поетското читање „Мостови“, следните два дена учесниците ќе го посетат Скопје и други градови низ Македонија. На 53-то издание на Струшките вечери на поезијата, покрај од Македонија учествуваат и 50-тина поети од 34 земји.

Наградата „Златен венец“, првпат му е доделен во 1966 на рускиот поет Роберт Рождественски за најдобра песна, а од 1971 година, кога лауреат бил американскиот поет Вистан Хју Одн, Златниот венец се доделува за творештво.

You May Also Like