Јапонски урбани проекти од 60-тите во Музејот на Град Скопје

Во Музејот на град Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Градови што се борат со урбанизмот: од јапонските урбани проекти во 1960-те“, која Музејот ја организира во соработка со Јапонската фондација и Амбасадата на Јапонија во Виена.

muzej-na-grad-skopje

Изложбата е патувачка, креирана од архитектот Наохико Хино и во Скопје ќе остане до крајот на месецов.

– Како појдовна точка ги зема разновидните експериментални идеи за градовите кои процутеа во Јапонија во текот на 1960-тите години. Изложбата ги презентира истражувањата преку кои се преиспитуваат разновидните околности, како во јапонските, така и во други градови во светот од 1960 година се до денес, при што особено се внимава на идентификувањето на дистинктивните аспекти на околностите манифестирани во денешно Токио. Покрај претставувањето на „Планот за Токио-1960“ на Кензо Танге, раритет на изложбата е претставувањето на оригиналната макета од урбанистичкиот проект „Градови во воздух“ на легендата на светската архитектура, Арата Изосаки, соопшти Музејот на Град Скопје.

На изложбата се посочени неколку урбанистички планови кои биле имплементирани на некои места во светот, меѓу кои од особен урбанистички интерес се Бразилија на Лусиу Кошта, главните градови на Македонија и Нигерија по проекти на Кензо Танге и Чандигар во Индија на Ле Корбизје.

Изложбата е тематски поделена на четири дела: Историја на идеален град; Амбициозни урбани проекти во Јапонија; Светски градови од 1960-ти до 1970-ти и Проблематиката на градовите од нашето време. Во нејзиното поставување кураторот користи комбинација од различни медиуми – од архитектонски макети до фотографии и слајдови, анимациии и други аудиовизуелни материјали.

– Со патувањето на изложбата во различни градови во светот ќе биде овозможено на секоја нова дестинација да биде преиспитано прашањето на урбанизацијата, а истовремено да се разберат актуелните предизвици и идните насоки на нашите вечнорастечки градови, и тоа во контекст на особениот однос кон секоја домаќин локација, соопшти организаторот на изложбата во Скопје.

You May Also Like