Чешката филмска школа ќе се учи на Штипскиот универзитет

Чешката филмска школа ќе се учи на Штипскиот универзитет, а студиите за филмско сценарио, драматургија и продукција ќе станат дел од македонскиот образовен систем …

stip

Од академската 2014/2015 година, студиски програми за постипломски студии за филмско сценарио, драматургија и продукција ќе станат дел од македонскиот образовен систем и ќе бидат достапни на новоформираната Филмска академија при Универзитетот Гоце Делчев од Штип (УГД), според програмите на Академијата за филмска и телевизиска уметност ФАМУ од Прага.

– Филмската академија на која што ќе се изучуваат студиските програми адаптирани согласно стандардите, принципите и традицијата на ФАМУ ќе биде отворена во стратешки одбраниот Охрид, поради неговото природно и културно наследство, како и инспиративното опкружување и бројните манифестации за што универзитетот „Гоце Делчев“ веќе го обезбеди потребниот простор и опрема за теоретската и практичната настава, а обезбеден е и соодветен наставен кадар од ФАМУ од Прага, рече на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски, по средбата со деканот на ФАМУ Павел Јех.

Појасни дека најпрво достапни ќе бидат постдипломски студии по филмско сценарио, драматургија и продукција кои ќе се одвиваат на англиски јазик, а потоа понудата ќе се надградува и со други програми од втор циклус како режија, филмска фотографија и монтажа, но, како што речен ќе се работи и на отворање на додипломски студии.

Селекцијата, како што истакна министерот Ристовски, ќе ја вршат професори од ФАМУ со цел, како што рече, да се избегнат локални влијанија и да се изберат најталентираните студенти.

Деканот на ФАМУ Павел Јех истакна дека е задоволен од остварената соработка и истакна оти на ваков начин ќе се направат напори овде да се воспоставуви најдобра можна филмска програма и да се спренесе искуство и пракса од ФАМУ.

Во следниот период ќе следат промотивни активности поврзани со овие студиски програми во Македонија, кои започнуваат денеска во 18 часот во МКЦ. Сите заинтересирани кои имаат афинитети кон вакви студии ќе можат детално да се информираат за можностите за упис на овие студии.

Во Прага постипломските студии на ФАМУ чинат 18.000 евра, а цената во Македонија ќе биде помала и наскоро ќе биде утврдена исто како и условите за конкурсот.

You May Also Like