Четиринаесеттиот „Зимски салон“на ДЛУМ на тема „Секспресија“

„Секспресија“ е насловот на годинашниот 14-ти „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници, чие отворање е закажано за 6 март 2012 година, во 19:00 часот во Музејот на современа уметност.

Претседателката на ДЛУМ, Тања Балаќ на денешната прес-конференција изјави дека се пристигнати 80-тина дела, селекцијата се во тек и во текот на денот ќе се знае колку дела ќе бидат избрани. Се потенцираше дека изборот на темата е на уметничкиот совет, а уметниците на својот ликовен јазик ќе можат да проговорат за сексуалноста.

– Првпат ќе има мала дислокација на неколку проекти во ателјеата на ДЛУМ во Безистен во Старата скопска чаршија, и во „Галерија 8“ – вели Балаќ и додаде дека оваа практика ќе продолжи, и Салонот и во иднина ќе се распостила на повеќе локации во градот.

Таа потенцира дека манифестацијата прераснува во еден голем ликовен меѓународен бренд, најголем во земјата во оваа област и на неа ќе учествуваат гости од Австрија, Турција, Бугарија и Словенија, чии дела ќе бидат изложени во рамки на „Зимскиот салон“.

– „Зимски салон“ ќе биде отворен со перформанс на познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќиевиќ. Перформансот е со цел на настанот да му дадеме поголема видливост и звучност, но, секако, е важен како спој, синергија помеѓу ликовното, драмското, литературното – додаде Балаќ.

Куратор на овој салон е Австриецот Филип Маурер кој рече дека  сè што се случува во светот е израз на сексуалноста.

– Со изложбава се обидуваме да најдеме ново изразување на сексуалноста. На интернет може да се најдат многу содржини за сексот, повеќе отколку во политиката, науката и уметноста заедно. Ова треба да биде забавно и ова е покана да се ужива – додаде Маурер.

You May Also Like