Чествување на Кирил и Методиј во Торонто

Вчера во Торонто (Канада) свечено беше одбележан Денот на македонските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.

Генералниот Конзулат на Република Македонија во Торонто и  Литературното друштво “Браќа Миладиновци” од Канада го прославија големото дело на светите браќа Кирил и Методиј, преку организација на низа содржини за промоција и афирмација на македонската култура и литература, како и македонскиот јазик надвор од границите на нашата родна земја.

Генералниот конзул на Република Македонија во Торонто Драган Ѓурчевски упати честитки до македонската дијаспора во Канада по повод државниот празник 24 мај – Денот на македонските и сесловенски просветители и учители, а во продолжение манифестацијата беше збогатена со литературно читање творби од страна на членовите на Литературното друштво “Браќа Миладиновци” од Торонто, како и презентација и промоција на широк асортиман на македонски прехрамбени производи и вина присутни на канадскиот пазар.

Во рамки на настанот, бројната македонска заедница од Канада имаше можност да види дел од ликовното творештво на г-ѓа Ирена Дешовска-Белчовски – автор со македонско потекло од Канада и да ужива во проекциите на македонските филмови “Сенки” и “Бал-Кан-Кан” обезбедени во соработка со Кинотека на Македонија, велат од генералниот конзулат на Република Македонија во Торонто.

You May Also Like