Утре вечер, (петок, 20 април) со почеток од 19:00 часот во ЦК „Марко Цепенков“ по повод 65 години од формирањето целовечерен концерт ќе одржи КУД „Мирче Ацев“. На концертот ќе настапат и гостите фолклорниот ансамбл „Темптен“ од Макарска, Хрватска и фолклорниот ансамбл „Плетенка“ од Битола.
Податоци за КУД „Мирче Ацев“
КУД „Мирче Ацев“ е формирано во 1947 година. Точно 65 години го негува богатиот македонски фолклор. Ја продолжува македонската традиција на интерпретирање на народни игри.
Во текот на постоењето Друштвото одржало над 3500 концерти во земјата и во странство. Има остварено гостувања во цела Европа – во Полска, Франција, Данска, Германија, Бугарија, Хрватска, Србија, Албанија, како и во Турција. Има освоено значајни први награди на реномирани фестивали во светот. Во Ланголен -Велика Британија, во Миделкерке – Белгија, во Овиедо- Шпанија и во Ница – Франција.
Ансамблот претежно го негува изворниот македонски фолклор. Заради одржувањето на традицијата добитник е на наградата Трети ноември на општина Прилеп.