Музејот на македонската борба – Скопје и уметникот и хуманист Живко Поповски – Цветин почнуваат заедничка акција – ликовна работилница во која авторот ќе твори во просториите на музејот на тема „Цвеќето на мирот“.
Акцијата е наменета за добредојде на холандските туристи, кои во рамки на својата посета на Македонија, се редовни гости на Музејот на македонската борба. Уметникот Живко Поповски-Цветин ќе ги подарува создадените слики-минијатури како изненадување за туристите од Холандија.
„Република Македонија и Музејот на македонската борба преку минатото ја гледаат иднината на цветната македонска земја и народ кој со векови и милениуми се бори за мир, пријателство и за љубов кон сите во светот“ – вели уметникот Цветин. Во оваа прилика Цветин ја изрецитира пораката на италијанскиот поет Едуардо Сангвинети, добитник на Златниот венец на СВП, која гласи: „Овие се боите на мирот, боите на Живко и тоа се форми, форми на мир, кои цвеќиња стануваат. Од овие бои, од овие форми, има потреба Европа.“
Првиот ден од работилницата се случи во вчера (четврток 16.5.2013 година) и во оваа прилика авторот подари 60 слики. Посетителите беа воодушевени од вирутозноста на создавањето на Цвеќето на мирот пред нивните очи во просториите на музејот. Акцијата ќе трае до крајот на октомври, а ќе се одржува еднаш во неделата во просториите на Музејот на македонската борба.
Авторот Живко Поповски – Цветин во изминативе 30 години создал преку 40.000 дела во маслена техника и акрилик на хартија, во различни формати и од нив подарил 40.000 на познати личности во светот (поети, државници, хуманисти, екологисти и други). Неговите слики се наоѓаат на 14 доплатни поштенски марки, разгледници, календари, на педесеттина насловни страници на книги и други печатени материјали. Поповски во размена со поетите на СВП, во изминативе 26 години разменувал свои слики за песни со посвета. Во 2009 година беше номиниран за Нобеловата награда за мир, заедно со Барак Обама и Николас Саркози.