Хуманитарен бал на различности во МОБ

Во организација на  Здружението „Дајте ни крилја“ и  МОБ, на 6-ти март (среда), во 18:30 часот во Македонска опера и балет ќе се одржи првиот „Бал на различности“.

Целта на настанот е подигање на свесноста за потребата за инклузија на лицата со посебни потреби во сите социјално општествени сфери. Настанот е со хуман предзнак, како и акција за собирање средства за проекти кои ги засегаат лицата со посебни потреби.

Настанот ќе биде во два дела – програмски и ревијален. Првиот дел ќе биде на големата сцена во МОБ и вториот дел во фоајето на МОБ.  Целиот настан е презентација на успешни партнерства со инклузивна карактеристика. Во програмата ќе бидат застапени врни солисти на МОБ, но и мошне талентирани лица со посебни потреби кои ќе ви приредат двочасовно незаборавно искуство.

Во програмскиот дел се настапите на солистката сопранот Нада Талевска во дует со Џенгис Мемеровски (лице со посебни потреби- инклузивен настап) како и нејзин соло настап со аријата „Болеро на Елена“ од операта Сицилијански вечери, солистите Ивана Коцевска и првенецот Бобан Ковачевски со Адаџо од балетот „Слепа девојка“ чија музика е на Љубомир Бранѓолица, првенката Весна Ѓиновска Илкова сопран со познатата „Арија на Сантуца“ од
операта  Кавалерија Рустикана, во пијано придружба на Јанинка Невчева.

Програмата ќе биде збогатена со настап на Квартетот  Air Strings и инклузивна ревија подготвена од модната куќа Елена Лука презентирана од успешни жени од повеќе сфери лица со посебни потреби а и дечиња. Водители на настанот и креатори на Comedy Show ќе бидат Сашко Коцев и Гораст Цветковски со кои ќе бидат инклузирани и лица со посебни потреби.

Во ревијалниот дел ќе уживаме во перформансот на Тони Китановски, и поезија во интерпретација на Искра Донева и Александар Матовски Цако.

You May Also Like