По повод празникот на Општина Ѓорче Петров 20 септември, на ридско- планинските предели на општината ќе се одржи Планинската велосипедска трка „Трофеј Ѓорче Петров 2012“. Трката е закажана за 16 септември.
Стартот на трката ќе биде во с. Кучково, во месноста наречена Крстовден, а целта е на Мото-крос патеката Орман. Должината на патеката изнесува 25 км и поминува низ атарите на селата Кучково, Грачани, Никиштани и Орман. Стартот на трката е на 586 м НМВ, а целта на 307 м НМВ. Највисоката точка на патеката е 703 м НМВ. Трасата поминува низ најатрактивните предели на општината и ќе претставува вистинско уживање и задоволство за натпреварувачите.
Пријавувањето на учесниците ќе започне на 28 август 2012 и ќе трае до 14 септември (петок) заклучно до 20.00 часот. Сите пријавени натпреварувачи во сите конкуренции можат да учествуваат без плаќање на котизација. Пријавувањето за трката може да се направи со преземање на документите . Пополнетите документи преку електронска пошта се испраќаат на следната електронска адреса: izgrejsonce.sk@gmail.com.
Трката е од натпреварувачки карактер во машка и женска конкуренција, а награди се предвидени и за победниците во категоријата на хоби натпреварувачи. Планинската велосипедска трка Трофеј Ѓорче Петров е дел од календарот на Македонската велосипедска федерација.Организатори на оваа спортска манифестација се Општина Ѓорче Петров и Здружението за одржлив социо-економски развој „Изгрејсонце“ – Скопје, кое е иницијатор на трката.