Македонските православни христијани денеска (понеделник, 7 јануари) го слават Рождеството Христово – Божиќ. Во храмовита на Македонската православна црква, изутринава се одржуваа божикни литургии. Централното чествување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан богослужи Златоустова литургија.
По повод Божиќ, г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание:
„Возљубени чеда во Господа,
И годинава Бог не удостои да Му се поклониме и да Му пееме, славејќи Го Спасителот наш Исус Христос. Се радува целата вселена и прославува сиот христијански свет. Црквата не поканува и ние да им се придружиме на ангелите, не поттикнува, барем за миг, да заборавиме на грижите од овој свет; не повикува да се свртиме кон новиот живот што ни го нуди Синот Божји и кој ни го открива Црквата. И нам, како и на пастирите, ни се соопштува радосната вест дека – денеска ни се роди Богомладенецот, Христос Господ (сп. Лк. 2, 11). Па, да славиме и да се радуваме!
Од љубов кон човекот (сп. Јн. 3, 16), Бог слезе од небото и стана човек. „Синот Божји, стана Син човечки, со цел – човекот да стане син Божји.” Така, од Настанот во витлеемската ноќ, се има посебно значење за нашето спасение: даровите, пелените, јаслите. Свети Јован Златоуст, вели: „Пелените се завој за нашите рани од гревот. Детето е положено во јасли, за да не бидеме хранети со сламата на грешната сладост, туку со небесен леб.”
Така, Бог, за да ни ја соопшти Својата љубов, овојпат не ни прати ангел; не ни испрати законик – за да не убеди; не ни прати ниту благовесник со златен подарок – за да ја докаже Својата љубов. Не, Бог Самиот дојде преку Својот Син. Светиот апостол Јован вели: „Божјата љубов кон нас се покажа во тоа што Бог Го испрати во светот Својот Единороден Син за да живееме преку Него” (сп. 1. Јн. 4, 9). Ние, пак, немаме заслуга за таа љубов. Бог дојде, не дека ние Го возљубивме, туку затоа што Бог нас не возљуби и Го прати Синот Свој за да ги очисти гревовите наши (сп. 1. Јн. 4, 10). Затоа, ако некој прашува – кому му служиме и на што се поклонуваме, речете: „Ја чествуваме Љубовта”, вели свети Григориј Ниски. Во тоа е тајната на Божиќ и затоа радосно го доживуваме денот кога Господ се роди.
Возљубени чеда во Христа Богомладенецот,
Бог кога го создаде човекот, го создаде по Свој лик и образ. Секој човек, како лик Божји, без оглед на својата раса и нација, е скапоценост во очите Господови, па дури и оној најгрешниот. „Кога го гледаш братот свој, Го гледаш Бога”, вели свети Климент Александриски. Притоа, Бог го дарува секој човек со многу дарови и со неограничени можности. Човекот беше создаден чист, свет, непорочен и безгрешен. Слободата и слободната волја се дарови, со кои тој се разликува од останатите Божји созданија. Тој дар не е зависен од никого и од ништо, туку ние самите одлучуваме дали ќе го избереме доброто или злото. По свој избор и добро правиме, а и грешиме. Затоа, светиот апостол Павле вели: „Се ми е позволено, но не е се полезно; се ми е допуштено, но ништо не сакам да завладее со мене” (1. Кор. 6, 12).
Таквата слобода, слободоволно и слободоумно прифатена, му е најголемиот дар на човекот од Бога. Затоа, Бог од нас не бара ропска покорност, туку слободно понудена синовска послушност и љубов. „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека оди по Мене”, вели Господ Христос (Мт. 16, 24). Да се одречеме од себе, пак, значи да се одречеме од грешниот човек во нас, бидејќи гревот е тој што не оддалечува од Бога и што му ја ограничува слободата на човекот.
Денес многу се зборува за слобода од секаков вид: политичка, економска, слобода на говорот, верска слобода, човечки права итн. Која и да е од овие слободи, ако не се раководи од основните начела на Божјиот закон, односно од љубовта кон Бога и кон ближниот, не е вистинска слобода. Целиот Закон е во љубовта, а таа е во богољубието и човекољубието. Секоја друга слобода не оддалечува од Бога сите нас и еден од друг. Слободата на секуларизмот и либерализмот незапирливо продира во нашето секојдневие и ги поткопува темелите на традиционалното македонско семејство. Наша задача е како родители, воспитувачи и учители на моралниот закон, да ги заштитиме младите поколенија од таквите влијанија уште од најраната возраст.
Возљубени во Господа,
Очигледен е падот на моралот во нашево живеење. Во име на граѓанските слободи и права, се обесветуваат најосновните и од Бога востановени институции, всушност, се обесветува и обезвреднува човечката природа. Оттаму и нарушувањето на светоста на бракот. А Бог, уште од почетокот на создавањето на човекот, благословил заедница на маж и жена. Денес се почесто се зборува за озаконување на бракови меѓу истополни партнери. Тоа не само што е прекршување на светата волја Божја, туку е вовед и предуслов за распаѓање на семејството како основна клетка на секоја цивилизација и општество. Заедништвото со Бога и со оние околу нас, почнува во семејството; во семејството се стекнува љубовта кон Бога и кон ближниот; во семејството се учат семејните, верските и културните традиции. Од здравото, пак, христијанско семејство излегуваат богобојазливи и духовно цврсти личности, полезни и за Црквата и за Татковината. Затоа, нам, како следбеници Христови, кои го почитуваме Неговиот закон, Бог ни дал света должност – да опоменуваме и да се обидеме да ја спречиме ерозијата на моралот и обесчестувањето на бракот и семејството.
Возљубени чеда на нашата Света Црква,
Во годината што настапува, Христијанството ќе прослави еден голем јубилеј – 1700 години од донесувањето на Миланскиот едикт. Во далечната 313 година, рамноапостолниот и благочестив цар Константин Велики донесе Едикт – да престане гонењето на христијаните и на Црквата Христова. На ова му претходело видението на Константин – сред бел ден, видел блескав крст на небото, закитен со ѕвезди, на кој било напишано: „Со ова победувај!” – Па, така и победи. Крстот Христов, најсилната поткрепа на христијаните против гонителите, се покажа како непобедливо оружје.
И светите браќа Кирил и Методиј со Крстот Христов пред 1150 години ја почнаа својата просветителска мисија. Тие најпрво го проповедаа Евангелието во Македонија, а потоа го пренесоа и го раширија меѓу словенските народи по цела Европа. Од нивните плодови, и оние што подоцна ни ги оставија нивните свети ученици, охридските чудотворци Климент и Наум, милиони благочестиви христијански души и денес се хранат и се напојуваат.
Ете, има годишнини и јубилеи од нашата црковна и национална историја, на кои со радост се сеќаваме и достоинствено ги прославуваме, но има и такви кои и по зло ги паметиме. Во претстојнава година се навршуваат и 100 години од Букурешкиот мировен договор, кога неправедно и неприродно се поделени македонската земја и народ. Неповратно е раскинат македонскиот територијален и национален организам и поради тоа секоја родољубива македонска душа оттогаш негодува и се буни. Било, но дај Боже, да се поправи и да не се повтори!
Чествувајќи ги светлите јубилеи, слободата на верата што ни ја даде Бог и ја потврди царот Константин, како и мисијата на светите браќа Кирил и Методиј, да се потсетиме дека истите ни се дадени како света должност и обврска за да ги сочуваме и да ги предадеме изворно во наследство на нашите идни генерации. Воедно, основните особини на нашиот македонски идентитет: верата православна, јазикот македонски и културата се приоритет на нашава генерација – за да ги запази и унапреди. Националната слобода, пак, мирот, интегритетот и името на Татковината – Република Македонија, се исто толку значајни. Тие ни се дар од Бога, и од тој дар не смееме да отстапиме или да се откажеме.
Возљубени празникољупци,
Празникот на Христовото раѓање е време за облагородување на нашите срца и мисли. Тоа е можност да познаеме – што е свето и што е вистина. „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој”, вели Господ Исус Христос (Јн. 18, 37). Тоа е време погодно да го преиспитаме нашиот однос кон Бога и кон нашите ближни, а и да ја согледаме смислата на нашето назначување и постоење овде на земјава. Затоа, прославувајќи го и овојпат Божик, да се запрашаме: – ќе најдеме ли време да дојдеме и да се поклониме пред олтарот на Вечноживиот Бог и да Го примиме во себе Христа и да исполниме се она што Он ни заповеда? Ќе најдеме ли место за Него во нашиот живот, не само за време на Божикните празнувања, туку и во текот на целата година и во сиот наш живот? Бог нека не исполни со Својата благодат, та секогаш да имаме време и место за Христа Господа.
Божиќ е празник на мирот, празник на слогата и единството. Затоа ги повикуваме нашите духовни чеда, каде што е присутна меѓусебната недоверба, каде што има расправии и поделби, да го слушнат гласот на Мајката Македонска православна црква и да тргнат по патот на простувањето и помирувањето, а заради сеопштото добро. Никој друг нема толку да ни помогне колку што самите и мораме и треба да си помагаме, конечно, сфаќајќи што е добро и што е зло за сите и разликувајќи ги времените од вечните вредности.
Да го прославиме Божиќ, денот на Христовото Рождество радосно и достоинствено, и овде во Татковината, а и секаде каде што не има по светот, со љубов и со побожност, онака како што Богомладенецот беше прославен од Дева Марија, од пастирите, од ангелите и од мудреците, во онаа величествена витлеемска ноќ, пред повеќе од две илјади години.
Бог на мирот, љубовта и проштевањето нека биде постојано со сите нас! Честито и благословено Новото лето Господово, Христос се роди! – Навистина се роди!, се наведува во Божиќното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ, митрополитите: Полошко-кумановски Кирил, Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски Петар, Дебарско-кичевски Тимотеј, Струмички Наум, Повардарски Агатангел, Американско-канадски Методиј, Европски Пимен, Брегалнички Иларион, поранешен митрополит Европски Горазд, епископот Хераклејски Климент, Епископ Велички Jосиф, Епископ Лешочки Јосиф“, се наведува во Божикното послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ.