Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, утре вечер (четврток, 7 јуни 2012 година) со почеток во 19:00 часот, ќе се отвори изложба под наслов „Ти ќе се сеќаваш на мене, јас ќе се сеќавам на тебе“ (You will remember me, I will remember you) на уметникот Симеон Стоилов од Бугарија.
Симеон Стоилов е роден во Јамбол, Бугарија. Дипломирал сликарство на Националната уметничка академија во Софија. Добитник е на повеќе награди за своите дела, а реализирал 18 самостојни изложби (во Софија, Варна, Пловдив, Берлин) и учествувал на над 30 групни изложби (во Софија, Варна, Пловдив, Братислава, Виена, Инсбрук, Виена, Варшава, Утрехт итн.). Член е на Сојузот на бугарските уметници од 1998 година.
Тој ќе се претстави со архитектонска “sitespecific” инсталација под наслов „Ти ќе се сеќаваш на мене, јас ќе се сеќавам на тебе“ (You will remember me, I will remember you), специјално осмислена за просторот во Чифте амам и инспирирана од неговата архитектура. Самата инсталација претставува нов поглед на распоредот на просторот и елегантна интервенција на архитектура во архитектура. Перфекцијата на целината е изведена преку креативна хармонија на цврстина и мекост, како и преку сила и нежност. Артистот особено внимание му посветува и на елементот на двојноста на бањата (машки и женски дел), како и на играта на надополнување на полното и празното.
Според авторот, неговото творештво се базира врз темите поврзани со човечките релации, личната слобода и личната неслобода, стравот, јавните недоразбирања и принципи врз кои е изградено општеството. Иако неговите дела не го претставуваат директно социјалниот контекст, тие се повеќе нивни контемплативни набљудувања. Очигледна е љубовта кон деталите и визуелната перфекција. Набљудувањето на светот и свесноста за социјални и универзални проблеми наведува на филосовска насока на неговите дела.
Изложбата ќе биде отворена до 30 јуни 2012 година. Кустос на истата е Маја Чанкуловска. Изложбата ќе ја отвори г-ѓа Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.