Писателот Христо Петрески е избран за нов член во Редакцијата на Меѓународното списание за култура, уметност, наука и образование „Диоген про култура“.
Петрески е избран за заменик на главниот и одговорен уредник и е член на Редакцијата заедно со Сабахудин Хаџиалиќ од Босна и Херцеговина, Ѓурѓа Вукелиќ Рожиќ од Хрватска, Самира Бегман Швајцарија, Горан Врхунц од Босна и Херцеговина, Татјана Дебељачки од Србија, Алма Јефтиќ од Босна и Херцеговина, Стево Басара од Канада, Стане Јагодиќ од Словенија и Владислав Павиќевиќ од Црна Гора.
Инаку, списанието „Диоген про култура“ е електронски портал, но истовремено е и печатено издание, кое ги третира културата, уметноста, науката и образованието, а досега се објавени повеќе од педесет броеви од ова ретко и значајно меѓународно списание.
Во најновиот февруарски број на списанието „Диоген про култура“, Христо Петрески во својата нова рубрика „Македонски рефлексии“ го објавува текстот „Македонска авторска бајка“, а во друг свој прилог пишува и за авторските бајки на познатиот српски писател Тиодор Росиќ.
Меѓународното списание „Диоген про култура“ е магазин кој содржи повеќе од 300 страници и ги следи новите и актуелни остварувања во културата, уметноста, науката и образованието на Балканот, но и во Европа и светот.