Најавено четириесеттото издание на фестивалот Млад Отворен Театар 2015 година.
Од МКЦ најавуваат: „ Од овој момент ги започнуваме активностите за славење на овој за нас, но и за европската театарска реалност голем јубилеј – 40 години МОТ, континуитет со кој не може да се пофалат многу вакви фестивали. Продолжуваме веднаш онаму каде што застанавме – без ниту една година пауза. Приказната 40 години МОТ ја започнуваме со театарска премиера во продукција на МОТ и МКЦ која ќе се случи на 23 Октомври. Главната фестивалска програма ќе се случува во својот стандарден термин, на крајот на месец септември 2015 година, но годинава ќе имаме и многу придружни манифестации со кои ќе го одбележиме јубилејот.
Во септември, еден викенд пред почетокот на МОТ 40 ќе биде организиран специјален настан – Македонски театарски маркет: во четири дена најрепрезентативните македонски театарски продукции ќе бидат прикажани пред дваесеттина европски директори на фестивали и фестивалски програмери. На овој начин европските претставници ќе имаат единствена прилика “во живо” да ги видат нашите најзначајни продукции и можност понатаму да ги изберат како дел од нивните европски проекти. Овој проект ќе биде организиран во партнерство со една од најголемите мрежи на перформирачки уметности IETM од Брисел, и секако со сите театарски продуценти и куќи од Македонија.
Овие европски експерти ќе бидат дел и од планираната голема меѓународна конференција посветена на театарот, македонските културни политики, организирање на фестивали, МОТ, регионална соработка, промоција и дистрибуција. Главни теми на конференцијата според планираното, ќе бидат: дали и какви модели на театарски фестивали ни се потребни денес, кои се модели стојат на располагање за меѓусебна соработка и размена, дали и кои се фондови се достапни за реализација на ваквите театарски манифестации…
Со цел да придонесеме кон развојот на македонскиот современ театарски израз, но и за промоција на македонската театарска продукција надвор од нашата земја, МОТ во рамките на одбележувањето на јубилејот ќе се обиде да издаде уште две значајни дела:
Монографија 40 години МОТ – приредена од Љубиша Никодиновски Биш,
Млада македонска театарска реалност – избор од драмски текстови на млади македонски драмски автори преведени и објавени на англиски јазик – со цел нивна меѓународна промоција и нивна натамошна експлоатација по европските театарски сцени
“Официјалната програма” ќе се случува во периодот од 17 до 24 септември 2015 година. Во моментов првите луѓе на фестивалот се во преговори големото отворање да биде резервирано за една меѓународна копродукција во која МОТ се јавува како копродуцент, а која веруваме дека публиката и јавноста ќе ја поддржи како “очекувана” и “заслужена” копродукција по повод овој јубилеј.
Покрај ова, во моментов можеме да се пофалиме и дека во финална фаза се преговорите за гостувањето на:
Toonel group од Амстердам – можеби најзначајниот холандски театар денес, каде што најголем дел од продукциите ги режира еден од великаните на театарската режија Ivan Van Hove
Schaubühne Berlin – еден од најзначајните театри во светот – повеќегодишните преговори најверојатно ќе вродат со плод и големи се изгледите конечно да ги видиме во Скопје!
Belarus Free Theatre – трупа која по политичкиот прогонот од Белорусија сега работи во Велика Британија и гостувањето на МОТ ќе претставува дел од нивниот десет годишен јубилеј!
Продукција на Еpidaurus фестивалот од Атина, која беше продуцирана специјално за нивниот 60 годишен јубилеј оваа година, а со истата ќе го поздрават нашиот четириесет годишен јубилеј!
Покрај ова, на 40-от МОТ правиме напори да ги видиме и Sharleroi dances од Белгија, а од земјите во регионот: Сартр од БиХ, ЗеКаЕм од Загреб. Започнати се преговори и за гостување на одлични театарски проекти од Јапонија, Бразил, Швајцарија, Русија и Иран!
За целосна реализација на оваа програма, а се со цел целосно исполнување на активностите на фестивалскиот одбор како и достојно одбележување на четири децениското опстојување на овој фестивал, во моментов се потребни 12.000.000 денари. Земајќи го предвид значењето на овој јубилеј и самиот фестивал Млад Отворен Теaтар се надеваме дека релевантните институции, Градот Скопје и компаниите ќе смогнат сили да се случи ова 40-то издание на МОТ.
Како за потсетување, буџетот за 39-от МОТ изнесува вкупно 6.000.000 денари од кои 4.500.000 денари од Министерство за култура и 1.500.000 од Град Скопје. На 39 МОТ беа прикажани 17 претстави, од Америка, Белгија, Италија, Мексико, Велика Британија, Словенија, Хрватска, Македонија… По подолго време ја препливавме барата и МОТ повторно ги надмина европските рамки.
Билетарницата на МКЦ бележи 87 % реализирани билети, што е за 10 % повеќе од минатата година“- велат од МКЦ.