Високото интернационално книжевно признание – меѓународната награда “Иво Андриќ“ денес во Белград му припадна на македонскиот писател Христо Петрески за двојазичното издание (на македонски и српски јазик) на неговата поетска книга “Погрешен човек“.
Книгата ја објави Македонскиот информативен и издавачки центар од Белград и за неа авторот Христо Петрески на Меѓународниот саем на книгата во Белград минатата есен ја доби и наградата “Македон“ за оригинално, креативно и иновативно творештво.
Наградата “Иво Андриќ“ ја доделува Книжевната Академија “Иво Андриќ“ од Белград, а во образложението за наградата се вели дека таа на поетот, есеист и прозаист Христо Петрески му се доделува за внесување на заедничките митски балкански симболи во модерното македонско пеење, како и за повеќегодишна афирмација на врските на српските и македонските писатели и нивното подигнување на институционално ниво.
Инаку, книгата “Погрешен човек“ веќе доживеа две изданија во Белград, а наскоро ќе излезе и на бугарски јазик во Велико Трново (Бугарија).
Македонското издание на поетската книга “Погрешен човек“ го објави “Матица Македонска“ во 2012 година.