Филмаџии од Холивуд се спремни да инвестираат во проектот „Битола филмски град“ кој треба да да го добие Градот на конзулите…
Перси вон Лепински претставник на американската компанија за производство и дистрибуција на филм „Infinity Pictures – Hollywood Media Bridges“ со своја канцеларија во „Универсал Студиос“ во Холивуд и градоначалникот на општина Битола Владимир Талески, вечерва по средбата соопштија дека ќе инвестираат во проектот „Битола филмски град“.
Продуцентот Лепински посочи дека за време на дводневната посета на Битола се увериле дека во овој град постојат најдобрите услови за реализација на нивните филмски проекти, бидејќи за тоа има конкретен план и проект.
– Нашата компанија произведува филмови во Романија, но сега сакаме тоа да го правиме во Македонија. Ќе инвестираме со наши пари, а очекуваме и владина поддршка. Македонија е атрактивна за нас, има локации на кои може да се снима во урбана или природна средина кои се погодни за снимање на различни теми. Битола е најпогодна за нашиот бизнис и очекувам наскоро градоначалникот Талески да биде наш гостин во Холивуд каде ќе ги договориме деталите за нашата инвестиција, истакна на прес-конференцијата Лепински.
Општина Битола, согласно урбанистичкиот план во поранешната касарна, на површина од 4 хектари има соодветен простор за изградба на филмско студио, а на располагање се и други 50 хектари слободни површини, потсети градоначалникот Талески.
– Сакаме Битола да биде филмски град, а во тоа ќе ни помогне оскаровецот Лепински кој понуди снимање на документарен филм, снимање на игран филм во кој ќе настапи светски познатата филмска ѕвезда Мерил Стрип и изградба на филмско студио. Ние сме најподготвената општина во Македонија што може веднаш да пристапи кон изградба на филмско студио, а инвеститорите забележаа дека токму овде има ресурси и други потенцијали за снимање филм. Договоривме конкретна и креативна работа, лобиравме нивната дејност од Романија да се пренесе во Македонија, односно во Битола, во градот кој има јасен концепт за вистински филмски град, посочи Талески.
На пресот Талески и Лепински оценија дека со реализацијата на овој проект директно и позитивно ќе се придонесе во развојот на хотелиерството, угостителството, туризмот и други дејности кои директно или индиректно се поврзани со филмската индустрија.