Асоцијацијата е формирана заради потребата од артикулирање на потенцијалите на визуелните уметности со цел компетитивно поставување, поврзување и заедничко делување на глобалната уметничка сцена.
На глобалната арт сцена се појави нов независен субјект – Светска асоцијација за визуелни уметности (САВУ). Позади САВУ стојат докажани уметници и професионалци од областа на уметноста и културата, кои со голем ентузијазам ја формираа Асоцијацијата, водејќи се од потребата за делување на полето на унапредување, негување и зачувување на визуелните уметности како значаен дел од светското подвижно културно наследство.
Тоа е генералната цел на САВУ. Во тој контекст се и останатите задачи што ги зацртаа основачите, меѓу кои – соработка и поврзување на сите поединци, организации и институции во светот кои се занимаваат со визуелните уметности; обезбедување поддршка при презентацијата на глобалната уметничка сцена и на глобалниот уметнички пазар, а предвидена е можност за совети и консултации, особено во областа на заштитата на авторските права. Освен тоа, САВУ ќе им дава значајна поддршка на младите таленти, летни школи и други форми на неформално образование, како и организирање на меѓународни собири, конференции, како и доделување на награди. Ќе функционира и програмата за мобилност на уметниците низ светот, за регионална соработка, а ќе бидат обезбедени и поволности за членовите на Асоцијацијата.
Оттаму, САВУ е доброволна, независна, непрофитна организација, чија намера е обединување на поединци и институции чиј заеднички именител е визуелната уметност. Преку слободното здружување ќе се остваруваат, ќе се штитат и усогласуваат интересите на членството. Уште повеќе, ќе се вршат дејности и активности за афирмација на вистинските вредности на визуелните уметности.
За што посеопфатно глобално покривање, САВУ ќе биде поставена во следните региони: Балкански регион, Средна Европа, Западна Европа, Источна Европа, Северна Америка, Средна Америка, Јужна Америка, Азија и Австралија.
На основачкото собрание на САВУ Павле Пејовиќ од Црна Гора (директор на Националниот музеј на Црна Гора) е избран за прв претседател на Асоцијацијата, а Венцеслав Антонов од Бугарија (директор на Меѓународното графичко биенале Варна) е избран за директор на Балканскиот регион.
_________________________________
Павле Пејовиќ, Црна Гора
Роден е во Ораси 1950 година. Дипломирал на Отсекот за вајарство при Факултетот за ликовни уметности во Белград (1980), во класата на професорот Миша Поповиќ, а кај него и магистрирал во 1982 година. Бил стипендист на „Фондот Моша Пијаде“ во периодот 1980-1982 година.
Пејовиќ е редовен професор на Универзитетот во Црна Гора, на Факултетот за ликовни уметности во Цетиње. Од 1990 година е член на Интернационалниот вајарски центар во Вашингтон. Во два наврати, по два мандата (1990/1994 и 2000/2004) бил декан на ФЛУ во Цетиње. Од 2003 до 2008 година бил претседател на УЛУЦГ. Од декември 2008. е директор на Народниот музеј на Црна Гора во Цетиње. Во 2000. е избран за редовен член на Дукљанската академија на науките и уметностите, а во декември 2008 е избран за вонреден член на Црногорската академија на науките и уметностите. Во моментот е директор на Националниот Музеј на Црна Гора. Живее и работи во Подгорица.
Венцеслав Антонов, Бугарија
Венцеслав Антонов е роден во 1942 година во Бела Слатина, во Бугарија. Од 1997 до денес е директор на Галеријата за графичка уметност во Варна, која е организатор на Меѓународното биенале на графика во Варна. Учествувал во создавањето на групата на графичари, кои беа иницијатори за основањето на Меѓународното биенале на графика во Варна. Антонов е добитник на наградата за графика на тема „море“ на Националниот конкурс за графика во Бугарија, како и наградата „Варна“ за целосно творештво во областа на графиката.
Антонов учествувал на многу меѓународни биенални манифестации на графика во Европа, во Норвешка, Баден-Баден, Интерграфик-Германија, Љубљана, како и низ светот, во Сан Паоло, Порторико, итн. Имај самостојни изложби во Софија, Варна, Виена, Будимпешта, а колективни изложби, односно национални претставувања на графичари, во САД, Германија итн. Учествувал и на многу други манифестации за претставување на бугарската графика во светот.
Антонов завршил Национална уметничка академија во Софија, со специјалност во графика. Живее и работи во Варна.