Ден на сеќавање на жртвите на холокаустот

Во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје денеска со симболично палење шест свеќи во спомен на шесте милиони убиени Евреи од нацистите во Втората светска војна, беше одбележан Јом Ашоа, денот на еврејските жртви на холокаустот и 71 година од востанието на Евреите во Варшавското гето.

memorijalen-centar-evrei-makedonija(copy)

Половина милион Евреи биле собрани во Еврејското гето во окупирана Варшава, на површина од 2,5 километри квадратни, од каде биле депортирани во логорите на смртта. На 28 април (нисан по еврејскиот календар) тие кренале востание и голораки, боси, гладни и без надеж, сакајќи само достојно да умрат, се обиделе да дадат отпор на нацистите. Тие тоа сурово го казниле и по наредба на Хитлер гетото било уништено. Тој датум израелскиот Кнесет го утврдил како национален ден за сеќавање на холокаустот и на тој ден се одржуваат комеморации во сите земји каде што има еврејски заедници. Комеморацијата за убиените Евреи е воедно и за 7.144 Евреи од Македонија, или 98 проценти од вкупната еврејска популација тогаш во Македонија, кои на 11 март 1943 биле собрани од нивните домови и депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. Половина од нив биле деца. Претседателката на Еврејската заедница во Р. Македонија Берта Романо-Николиќ рече дека со Јом Ашоа се одбележува денот на јунаштвото во Варшавското гето и на страдањето на жртвите кои се кренале на бунт иако знаеле дека е тоа последна и изгубена битка.

– Слично на епопејата на Масада во стариот век, варшавското гето е единствен пример на гордост, пркос, отпор против злото и уништувањето. Со тоа покажале достоинство на човеково битие, кое се противи на смртта и тогаш кога е неизбежна, неминовна. Библиски речено: на нозе исправени. Таква смрт е симбол на еврејската борба против нацистичкиот терор и со својата великост добива универзална, хумана важност, рече Николиќ. Претседелката на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија Лилјана Мизрахи истакна дека Јом Ашоа е ден на човечкиот хероизам, достоинство и непокор.

– Од 11 март 2011 година, во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија почива пепелта на 7.144 Евреи од Македонија.Тоа е местото на нивниот вечен покој и местото од кое низ разни форми на едукација за ужасите на нацизмот и холокаустот се втемелуваат основите за борба против каква било расна, верска или секој друг вид нетрпеливост, со пораката: Никому никаде да не се повтори и да не се заборави, рече Мизрахи. Во Меморијалниот центар беше отворена изложба на цртежи од македонски ученици на тема „Холокаустот низ призмата на детските очи“, која е дел од едукативниот проект што Центарот две години го реализира во соработка со Министерството за образование и наука. Овие денови Центарот е домаќин и на петдневен меѓународен семинар на студенти Евреи од 20 европски земји и од Израел, организиран од Светската и Европската унија на еврејски студенти.

You May Also Like