Филип Јовановски изложува во Тирана

Уметникот Филип Јовановски во рамки на двомесечниот резиденцијален престој во T.I.C.А Институтот за современа уметност во Тирана е дел од изложбата на тема „Раскажувањето како уметничка пракса“, заедно со останатите учесници Татита Шкирладѕе (Грузија), Јонида Беко (Тирана) и Саша Ткаченко (Белград).

majka_olimpija_1971_filip_jovanovski

Изложбата беше отворена синоќа (30 октомври, 2014 година) во изложбениот простор „Тула“ во Тирана.

Делото на Јовановски кое е насловено „Мајка Олимпија Храброст и нејзините деца“ реферира на драмата на Бертолт Брехт „Мајка Храброст и нејзините деца” во која се зборува за  кантинерката Ана Фирлинг или Мајка Храброст, паразит на Триесетгодишната војна (една од најдеструктивните серии на војни во Централна Европа), која заработува следејќи ги злосторите за да ги прехрани децата.

– Во ова дело ја земам мајката како симбол на нацијата во два историски периоди, Албанија во периодот 1945-1991 год. и Македонија денес. Албанската историја е претставена преку споменикот „Мајка Албанија“ од 1971 год. чии автори се Kristaq Rama (татко на премиерот Еди Рама), Muntaz Dhrami и Shaban Hadër, изграден  во чест на загинатите партизани во Втора светска војна и македонската, која е претставена преку фрагмент од поголемиот комплекс фонтани „Воин“  на плоштадот Филип Втори во Скопје (популарно познат како Олимпија и младиот Александар) чиј автор е Валентина Стефаноска, како мајка на новиот идентитет на државата – вели Јовановски.

Референца на Олимпија, исто така е повикување на личната приказна на авторот и неговата мајка која што се вика Олимпија.

Соработник истражувач во делото е кураторката Ивана Васева која вели дека ова дело ја преписпитува моќта на уметноста, манипулацијата со луѓето преку уметноста, уметниците и со „уметнички“ средства како и одговорноста која се манифестира не само во сегашноста туку има посилни импликации врз идните фамилијарни генерации но и генерации на граѓани.

Делото претставува инсталација од 8 слики масло на платно кои се всушност репродукција на лични фотографии на авторот и неговото семејство, и текст, извадок од неколку месечната преписка на авторот со неговата мајка.

Исто така, во рамки на овој поголем истражувачки проект, вчера во Скопје се постави и делото „Мајка Храброст и нејзините деца“ на Јовановски кое го користи форматот на билборд во јавен простор. Делото е курирано од Ивана Васева а е поставено во рамки на настанот „Уметност на билборд 2“, којшто го третира концептот на „Прокрастинација“ на организацијата Арс акта.

– Ова е уметничко дело, претстава, која постои во освестувањето и спознавањето, во сонот за некоја политичка промена, во моментот на распознавањето на идеолошките структури. Нејзиното изигрување е во начинот на гледањето не во погледот на театарска сцена. Таа во овој случај добива физичка манифестација во еден масовен, надворешен, рекламен простор, кој се доживува по пат, меѓу секојдневните обврски и претставува пукнатина која промовира наместо конзумерска или идеолошка порака една идеја, замисла, проекција. Уметникот намерно користи колажиран јазик (спојувајќи различни историски контексти) кој не соодветствува совршено со пропозициите на маркетиншката индустрија бидејќи иако самата форма е предодредена, сега таа е сцена каде се одигрува битка, каде „мајката храброст“ и „нејзините деца“ се ставени пред испрашување.
Оваа претстава мора да се одигра за да се стигне до нова мисла. Затоа што мајката може многу веројатно да биде оставена сама, во нова војна. А делото предупредува да не се случи тоа – вели кураторката Ивана Васева.

You May Also Like