Во Мала станица, утре (24 октомври 2012 година, среда) во 19:00 часот ќе се отвори четвртата самостојна изложба на Сашо Станојковиќ со наслов „Простор за протест“.
Изложбата е базирана врз истоимениот истражувачки, интердисциплинарен и партиципативен проект во кој главните учесници беа таканаречените “жртви на транзицијата”. Всушнот тоа се стечајните работници кои беа прогласени за технолошки вишок и беа отпуштени од работа без надомест или каква било алтернативна работа. Основните теми со кои се занимава овој долгорочен проект (2007-2012) се правото на работа и феноменот на протест во јавен простор посебно кога правото на работа е попречено од различни причини.
Во рамките на отворањето на изложбата, со почеток во 19.30 ч. ќе се одржи и јавна дебата на тема „Протестирам, значи постојам“. Модератор на дебатата ќе биде Жарко Трајаноски, експерт за човекови права, а ќе учествуваат: Здравко Савески, Универзит ФОН, Суад Мисини, Истражувачки центар за граѓанско општество, Тоше Зафиров, ПРОГРЕС Институт за социјална демократија, Ирена Цветковиќ, Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Лилјана Георгиевска, Здружение на стечајни работници УНИТ и Александар Гочев, Граѓанска иницијатива АМАН.