Фестивалот SEE a Paris, преку филмот по четврти пат ќе ги обедини земјите на Југо-Источна Европа …
Фестивалот на кинематографиите од Југо-Источна Европа по четврти пат ќе се одржи во периодот помеѓу 27 и 30 Април 2014.
Настанот, исто како и минатите три години ќе се одвива во престижниот културен центар L’Entrepôt, во Институтот за ориентални јазици и цивилизации INALCO (www.inalco.fr), а свеченото отворање ќе се случи во една од најпрестижните париски сали, Театарот Ле Палас (www.theatrelepalace.fr).
Повеќе детали околу фестивалот и минатите изданија може да се најдат и на официјалната веб страна www.seeaparis.com.
Како организатор на фестивалот се јавуваат асоцијацијата SEE a Paris, во соработка со Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, под патронажа на УНЕСКО и во партнерство со Монтенегро Филм Фестивал и повеќе европски и регионални институции.
Во пресрет на овогодинешното издание, основачот и Претседател на советот на фестивалот, Јордан Плевнеш, оствари средба со парискиот градоначалник Бертранд Деланое (Bertrand Delanoë), со кого што зедно ја проследија ракометната средба помеѓу Металург и Парис Сент Жермен. Г-динот Плевнеш го информираше Градоначалникот на Париз за текот на подготовките за четвртотот издание на фестивалот, при што Г-динот Деланое изјави дека овој фестивал е од исклучително значење за откривањето на новите имиња во филмската уметност во Градот на светлината и дава огромен придонес кон процесот на приближувањето кон Европската Унија на регионот на Југо-Источна Европа.
Во рамките на отворањето на фестивалот посебен омаж ќе му биде даден на големиот црногорски режисер Живко Николиќ. Фестивалот ќе биде отворен со филмот на Горан Марковиќ “Фалсификатор” во знакот на актерот Емир Хаџихафисбеговиќ, кој е добитник на почесната актерска награда за животно остварување “SEE Actor”.
Покрај него во рамките на церемонијата на свеченото отворање, ќе биде доделена и наградата “SEE Perosnality”, која традиционално се доделува на личности од јавниот и општествениот живот, кои со својата работа го обединуваат просторот на Југо-Источна Европа, а истата ќе му биде доделена на Г-динот Живко Мукаетов, за достигнувањата на компанијата Алкалоид на глобалниот пазар.
Пријавувањето за фестивалот трае до 15 Март 2014 година, а интернационалната селекциона комисија, на чело со Почесниот Претседател на фестивалот, големиот француски синеаст Ив Буасе, ќе ја објави официјалната програма на 15 Април 2014.