Наградени најдобрите матуранти од Скопје

Во рамките на традиционалната манифестација „Средба меѓу првиот и најдобрите“, на најдобрите  27 матуранти –првенци на генерација 2009/2013 година од 21 средно училиште, Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски,  им додели признанија и парични награди.

-Искрено се радувам што присуствувам на еден ваков прекрасен настан, кога се оддава признание на успехот во учењето и се слави знаењето. Манифестацијата „Средба меѓу првиот и најдобрите“ има за цел да го афирмира знаењето и училишниот успех на првенците на генерација во средните училишта на Градот Скопје и да им се оддаде јавно признание за постигнатите резултати. Ценети првенци на генерацијата 2009/2013 година во четиригодишното образование и првенци од генерацијата 2009/2012 година во тригодишното образование – вие со своите успеси и постигнувања се афирмиравте себе, Вашите училишта но, и нас граѓаните на Градот Скопје и на Републиката. Праксата покажува дека секој млад човек, кој бил првенец на својата генерација гради успешна иднина и достигнува врвни резултати на патот на својот професионален развој. Вие веќе сте ја осознале најголемата вредност и потврда за човековиот развој, а тоа е учењето и знаењето.
Најважниот мотив и инспирација за создавање и творење во животот произлегува од задоволството кое го наоѓаме во учењето и работата, во резултатите од нив, како и во значењето на тие резултати за нас и општеството. Ценам дека најважната задача на секоја образовна институција е кај Вас учениците да ги развиваат и јакнат благородните творечки и креативни сили. Тоа е патот до најголемиот дар и признание што човек може да го поседува, а тоа е знаењето,  истакна градоначалникот  Трајановски.

На оваа средба, која беше збогатена со културно уметничка програма, Градоначалникот Трајановски, со цел да се мотивираат учениците за повисоки училишни достигнувања и годинава го  награди и успехот на учениците од средните стручни училишта кои се опфатени со тригодишното образование, онаму каде што за тоа постои реална основа и оправданост.

Во  рамки на оваа манифестација, а во организација на Секторот за локален економски развој на Град Скопје, во четвртокот 06.06.2013 година, за првенците на генерација  и за ученици матуранти коишто покажале успеси во текот на школувањето, по тројца ученици од секое училиште, се реализираше и традиционалната  еднодневна наградна екскурзија „По стапките на творците на градот“. Екскурзијата опфати посета на монументалните места и објекти во и околината на Скопје врз кои се темели идентитетот на нашиот град. Нејзиниот наслов на симболичен начин треба да го покаже постојаното чекорење на жителите на градот по вистинските вредности, но и откривање на нови и повисоки дострели.

You May Also Like