Утре свечено се отвора Спомен-домот на браќата Миладиновци

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска утре (четврток, 25 август 2011 година) во 18:00 часот во Струга ќе се обрати на свеченото отворање на обновениот Спомен-дом на браќата Миладиновци.

Во куќата, која целосно е реновирана со поддршка на Министерството за култура, заедно ќе делуваат Музејот од Струга и „Струшките вечери на поезијата“. Освен тематската поставка за Миладиновци, во просториите на Спомен-домот, Музејот од Струга ќе ги изложи најрепрезентативните делови на мозаикот од ранохристијанската базилика од селото Октиси. Со овие зафати, оваа институција ќе биде првата, која на овој начин презентира оригинални дислоцирани мозаици.

Утре вечер со почеток во 21:00 часот исто така, министерот Канческа-Милевска, на „Мостот на поезијата“ во Струга ќе се обрати и ќе го отвори 50-тото јубилејно издание на реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на Поезијата“, кои годинава се реализираат под покровителство на УНЕСКО, а лауреат на високото поетско признание „Златен венец“ е македонскиот поет, академик Матеја Матевски.

You May Also Like