Со проекција на филмот „Скопје 63’“ во чест на 50 годишнината од скопскиот земјотрес и со Оскаровскиот филм „Барајќи го Шугармен“ утре (15 јуни, сабота) официјално стартува фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“.
Поделени во четири програмски целини, интернационалните документарни филмови и оваа година ќе не прошетаат низ светот и ќе ни ги доближат емотивните стории на главните ликови.
Филмовите кои ни раскажуваат приказни од Словенија, Македонија, Хрватска, Албанија, Швајцарија, Финска, Египет, Бразил, Судан, Италија, итн…ќе бидат поделени во категориите: главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови.
Оваа година на фестивалската програма имаме и четири македонски документарци, филмови на Игор Иванов–Изи, Синиша Ефтимов, Кирил Шентевски, Петра Селишкар и Бранд Ферро.
Фестивалот ќе се оддржи во Куршумли Ан и МКЦ. Новитет за оваа година се репризите на филмовите кои ќе бидат прикажани во Младински Културен Центар (МКЦ).
Поделени во четири натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од различни жириа. Официјални награди на МакеДокс се:
– Кромид- за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма
– Млад кромид- за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм)
– Кокарче- за најдобар филм за деца и млади
– Награда за филм за најдобри Етички идеи
„Годинешното издание го нарековме детоксикациско затоа што документарецот, како и кромидот, нè прочистува од токсините, било на културен или виртуелен план, ни предизвикува солзи и ни отвора врати од други светови што сами којзнае дали и кога би ги отвориле“, изјавуваат организаторите на МакеДокс.
Љубителите на докуметарните филмови ќе имаат можност да бидат дел од дискусиите под смоква организирани за време на фестивалските денови, секој ден во 18.00ч.
Фестивалот и оваа година ќе го продолжи своето патување низ Македонија. Во месец
август ќе патуваме низ Кумановскиот регион. Со нашето Патувачко кино повторно ќе се обидеме да ги децентрализираме културните случувања и да им донесеме одредена културна доза и на останатите места.