Средба на министерката за култура со претседателот на МАНУ

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (понеделник, 8 октомври, 2012 година) во Македонската академија на науките и уметностите оствари работен состанок со претседателот Владо Камбовски.


На средбата беше разгледан предлогот на Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот 2012-2017.

Исто така, во текот на денешниот ден, разгледувањето на Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот 2012-2017 ќе биде тема и на седницата на Советот за култура, советодавно тело на министерот за култура.

Акцискиот план ќе ја следи примената на стратегијата, а Министерството за култура еднаш годишно ќе му доставува извештај на Собранието. Токму тоа, нагласи министерката, ја разликува новата национална стратегија од претходната, за 2004-2008 година, која била само програмски документ без јасни цели и приоритети.

„Новата стратегија за развој на културата не е декларативен, туку оперативен стратешки акт во кој врз основа на детални и сеопфатни анализи се детектирани состојбите во областа на културата и се утврдени мерливи и остварливи решенија, кои ќе придонесат за развојно поместување на културата и нејзина самоодржливост. Во нашата држава првпат се изработува ваков стратешки документ за развој на културата, кој е базиран на стручни и на научни сознанија и демократска процедура и постапка на донесување од страна на Собранието“, изјави Канческа-Милевска.

Во подготовката на документот учествувале многу стручни лица од Македонија и од странство. Нацртот им бил доставен на 150 релевантни субјекти од областа на културата – МАНУ, надлежни институции, невладин сектор, независна културна сцена. Од нив, 95 одговориле со сугестии и забелешки и нив Министерството ги вградило во документот.

You May Also Like