Урош Ѓуриќ со изложба на фотографии во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија (објект Мала станица) на 23 ноември 2012 година (петок), во 20 часот ќе се отвори изложба на Урош Ѓуриќ со наслов Тишина.


Урош Ѓуриќ го преиспитува меѓуодносот уметник-публика, системот на уметноста-државата и воведувајќи се себеси како референтна точка во тие процеси, го преиспитува местото на уметникот во тој систем на дејствување како активен учесник во микро и макроопштествените хоризонти на реалноста. Различните медиуми на изразување какви што се сликарството, фотографијата, инсталацијата, перформансот се само алатка за визуелизација на концептуалните идеи за себерефлектирањето каде што визуелниот мотив во концептуалниот уметнички дискурс станува метајазик или визуелен текст.

Оваа изложба е со посебна тежина од причина што Ѓуриќ своите истражувања во уметноста ги претставува во локални рамки со гостување на личности од општествениот живот во Македонија создавајќи субјективна визија и слика на културно-општествените состојби во Македонија.

Надоврзувајќи се на проектот „Бог ги сака соништата“ на српските уметници и на неговата опседнатост со фудбалот, за оваа пригода Урош Ѓуриќ се фотографира со првиот тим на фудбалскиот клуб Вардар, фудбалски клуб од Скопје, кој во поранешна СФРЈ е единствен македонски клуб што го има освоено југословенскиот шампионат (1986/87). Од тој аспект ФК Вардар е клуб со свое место во социо општествениот живот во Македонија со свои вредности.

За реализација на проектот Апропријации – Општествени портрети, Ѓуриќ кани личности од јавниот живот што се синоним за Македонија во неговата меморија.

За реализација на овој проект поканети се Есма Реџепова, Каролина Гочева, Дарко Панчев, Захаринка Алексоска Бачева, Сашо Станојковиќ, Жанета Вангели, Паја Михајловски, Аце Русевски, Јован Шурбановски, Славица Јанешлиева, Гарабет Тавитјан, Маја Вукичевиќ, Виолета Симјановска и Љубомир Фрчковски. На тој начин создава сопствен пресек на личности што (паралелно) дејствувале во општествените процеси создавајќи еден вид субјективна галерија на портрети на македонското општество.

Избраните личности се замолени извесно време молчејќи да стојат сами во просторија пред камера и со тој процес го претставува другиот лик на личностите, ликот што е јавно-медиумски непознат и сосема интимен. Всушност, оставајќи ги сами со себеси пред камера, Ѓуриќ задира во нивните алтер ега, во хомодуплексот на секоја личност, при што секоја од личностите со своите мисли непознати за јавноста со изразот на ликот и со едноставните реакции градат интимен автопортрет зад што секогаш стои принципот на откривање на естетското и интимното. Ова е и клучниот момент во откривањето на личниот идентитет и односот кон општествениот систем, односно на идентитетот како резултат на комплексниот систем на идентификации.

Урош Ѓуриќ е ѕвезда во вистинска смисла на зборот. Не само што е препознатлив по своите култни филмски улоги (трилогија “Ние не сме ангели”) и по авторските емисии на легендарното белградско антирежимско радио Б 92, туку статусот на ѕвезда го има и поради тоа што неговите уметнички дела обиколија многу галериски и уметнички простори во Барселона, Будимпешта, Берлин, Вашингтон, Париз, Брисел, Варшава, Софија, Њујорк, Тирана, Виена, Прага, Букурешт, Касел…

Продукцијата за делата е во целост изработена во Македонија. Видеото за Апропријации – Општествени портрети го изработи Соларис Арт Продукција, а принтот за делото „Бог ги сака соништата“ на српските уметници (ФК Вардар) го изработи Polyesterday. Изложбата е подржана од Министерството за култура на РМ.

Изложбата ќе ја отвори Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија.  Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски.

You May Also Like