Вчера (среда 16 јануари, 2013), ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Велимир Стојковски заедно со деканот на Православниот факултет „Св. Климент Охридски“, протоереј-ставрофор проф д-р Ацо Гиревски остварија неколкучасовна работна посета на седиштето на Московската Православна Духовна Академија во Сергиев Посад, во близина на Москва, Руска Федерација. На средбата присуствуваше и амбасадорот на РМ во Москва Н.Е. г. Илија Исајловски.
Целта на работната посета беше потпишување Договор и спогодба за соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Московската Православна Духовна Академија. Овие документи, од името на двете институции ги потпишаа ректорот на Московската Духовна Академија Архиепископот Верејски Евгениј и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Велимир Стојковски.
Потпишувањето на Договорот и спогодбата за соработка кои се од исклучително меѓусебно значење за двата универзитета и за двете држави предвидува размена на студенти и наставно-научен кадар, размена на искуства и знаења, учество во заеднички научноистражувачки проекти, симпозиуми, конференции и семинари, издавање на заеднички изданија и заемна можност за нивно публицирање, размена на публикации, учебни и научни изданија и др.
Од посебно значење е заемното признавање на документите за образовните и научните степени, издадени од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Московската Духовна Академија