Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ најавува дека годинава трипати ќе организираат црвен тепих како би ги доближиле многуте гости до новинарите и до филмофилите, кои ќе можат да ги видат и да ги фотографираат, меѓу другите, и над 300-те фестивалски гости.
На отворањето како ретко кога ќе бидат присутни сите добитници на наградите на „Браќа Манаки“, инаку сите тројца се и добитници на Оскар. Жулиет Бинош и Лука Бигаци ќе ја примат специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, а Крис Менџис наградата за животно дело „Златна камера 300“.
Вториот фестивалски ден на црвениот тепих ќе прошета екипата на До балчак, кој пак е годинашен потенцијален македонски претставник на Оскарите, и тоа кинематограферот Апостол Трпевски, режисерот Столе Попов, актерите Инти Шрај, Сашко Kоцев, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Денис Абдула, Драган Спасов-Дац, потоа монтажерот Атанас Георгиев, костимографот Емилија Ивановска Атанасовска и други.
На затворањето на Фестивалот пак, ќе бидат присутни членовите на филмот Деца на сонцето, во состав Дејан Милошевски, продуцент, Антонио Митриќески, режисер, Димче Стојановски, копродуцент, реномираните македонски актери Милица Стојанова, Мето Јовановски, Билјана Танески, Владо Јовановски, Кире Ѓоревски, Ивана Павлаковиќ, Александар Микиќ…
Раде Шербеџија, Милчо Манчевски, исто така, ќе гостуваат во Битола, едниот на почетокот, вториот на финишот на Фестивалот, како и петчленото жири во исклучително јак состав.
Гиора Бејач е еден од водечките изреалски кинематографери од светска класа. Уште како студент ја добил наградата за најдобар кинематографер на Израелскиот филмски институт. Во 1995 година бил поканет во Будимпешта за да учествува на европскиот мастер-клас на познатите кинематографери, добитници на „Оскар“, Вилмош Жигмонд и Били Вилијамс.
Срѓан Драгоевиќ е најпрепознатливиот сценарист-режисер од новата српска кинематографија. Потписник е на култни филмови како Ние не сме ангели (1992), Убавите села убаво горат (1996), Рани (1998), Ние не сме ангели 2 (2005), Свети Ѓоргија ја убива ламјата (2009/10), Парада (2012) со огромен број номинации и награди во целиот свет.
Ребека Толи е наградувана независна филмска продуцентка и режисерка од Обединетото Кралство. Како независна продуцентска, работела со холивудскиот продуцент Пол Хелер (Влегува змејот, Витнал и Ај, Моето лево стапало). Во 2010 година Ребека ја основа „Таријан филмс“. Нејзиниот последно продуциран филм, Ние бевме во војна (2013), е фален од критиката.
Симон Таншек е словенечки камерман, активен во филмски проекти во Словенија, Хрватска, Чешката Република. Член е на Европската филмска академија. Од долгометражните играни филмови се одвојуваат: Во лер (1999), Рушевини (2004), Љубов и други злосторства (2008), 9:06 (2009); Среќен за умирачка (2012); Девојките не плачат (2015).
Македонски претставник е Лазар Секуловски, филмски и ТВ монтажер и професор по филмска и ТВ монтажа. Декан на ФДУ во Скопје. Во текот на својата 30-годишна кариера, во својство на монтажер, режисер, сценарист, продуцент, потпишал над 40, ТВ кратки играни, документарни, анимирани филмови како и музички спотови, меѓу кои и наградувани на меѓународни фестивали.