ДЛУМ организира изложба „Експериментален цртеж“ во Прага

Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја организира изложбата „Експериментален цртеж“ која ќе се одржи на 15.09.2014 година (понеделник) во 20:00 часот во Палата Луцерна-Прага, Република Чешка.
На изложбата, со своите дела ќе се претстават 62 ликовни автори членови на Друштвото.

pokana_Eksperimentalen crtez

 

Отворањето ќе биде поткрепено со говор на амбасадорот претставник на Република Македонија во Прага Р. Чешка г-дин Паскал Стојчески и Претседателот на Друштвото на ликовни уметници на Македонија г-дин Сергеј Дамовски.

Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) официјално е формирано во 1946 г. Во раниот период на неговото оформување ќе изложуваат уметници кои подоцна стануваат основоположници на македонската модерна уметност. ДЛУМ е првото, најстаро и најбројно стручно друштво на ликовни уметници во Република Македонија.

Денес преку своите тематски изложби и културни настани, ДЛУМ и има дадено есенцијален печат на македонската културна сцена и нуди широк спектар од традиционален до најсовремен ликовен израз.помеѓу своите членови.

Помеѓу другите активности на ДЛУМ, вредно е да се потенцира долгогодишна интернационална соработка, промоција на македонската уметност во видни галерии на Балканот и низ Европа, како и гостувања на странски уметници на македонската ликовна сцена. Во текот на своето 69годишно постоење ДЛУМ има реализирано преку 1382 самостојни претставувања на македонски и странски автори пред македонската ликовна публика и преку 350 претставувања на Друштвото и македонски автори на меѓународната сцена.

Изложба „Експериментален цртеж“ се организира од страна на ДЛУМ веќе шеста година по ред. Поддржана е од Министерство за култура на Р. Македонија по повод јубилејна билатерална соработка со Република Чешка.

Изложбениот концепт на проектот „Експериментален цртеж“ претендира да го разработи процесот на отстапување од традиционалната форма на цртежот. Иако валиден како независен медиум, основниот акцент е ставен на критичкото преиспитување на природата и вредноста на цртежот во комбинација со широк спектар на уметнички техники и дисциплини. Современиот македонски цртеж не ги исклучува традиционалните техники, туку често го проширува полето на истражување и експериментирање вклучувајќи различни трансформации.

Изложбата вклучува дела кои го поврзуваат цртежот со сликарството, скулптурата, фотографијата, графитот, дигиталната уметност. Презентираниот материјал нуди различни пристапи кон современиот цртеж во кои тој не е ограничен на скица, туку се развива во нови варијации, почнувајќи од молив на хартија, до концептуални пристапи.

Со здобивањето на нов статус цртежот ја потврдува неговата линеарна автономија и неговата концептуална контрола над останатите медиуми.
Во оваа селекција ќе бидат прикажани цртежи кои можат да бидат дефинирани и како ко-продукт на други видови на креативни процеси, потенцирајќи ја неговата интердисциплинирана, когнитивна, перформативна или комуникативна функција.

You May Also Like