Во рамките на повеќегодишната соработка со Саемот на книгата во Лајпциг и мрежата Традуки, издавачката куќа Готен го организира и годинешното учество на македонски писатели на оваа најреномирана книжевна манифестација во Германија.
Годинава изборот падна на авторите Ермис Лафазановски, Јовица Ивановски и Ким Мехмети. Пресудно во селекцијата беше фактот што овие автори се во сериозни преговори за издавање на нивните дела на германски јазик.
Ким Мехмети веќе е објавен на германски јазик од страна на издавачката куќа Драва од Целовец, Австрија. Гоце Смилевски не можеше да учествува на Самот заради претходно договорена промотивна турнеја во Италија, а сериозно се разговараше и за гостувањето на Јордан Плевнеш, чија што книга „Осмото светско чудо“ исто така е во процес на преведување на германски.
Роберт Алаѓозовски, кој е и координатор на проектот, на саемот ќе учествува во рамките на специјалниот регионален проект на белградското списание Бетон и ќе ги претстави субверзивните творечки практики во Македонија. На германската јавност македонските автори традиционално ќе и бидат претставени со каталог од извадоци од нивните дела преведени на германски јазик, што специјално за годинешното издание на саемот го подготви издавачката куќа Готен.
Каталогот ќе им биде раздаден на претставници на издавачките куќи присутни на саемот, на авторски агенции, книжевни агенти и други застапници кои посредуваат во објавувањето на авторските дела на меѓународниот пазар на книги.
Македонските автори ќе настапат на неколку книжевни разговори, читања и претставувања во рамките на програмата Литература од Југоисточна Европа, традиционално организирана од Традуки. На еден од најголемите настани таканаречената Балканска ноќ, со свое читање и разговор ќе настапи Ермис Лафазановски. Македонските писатели ќе бидат гости на заедничкиот штанд на мрежата Традуки и земјите од регионот. По читањата посетителите ќе имаат можност да пробаат и македонски вина од сортата вранец, што за претставувањето беа донирани од винаријата „Сковин“.