Во галеријата „Антракт“ во Софија е отворена изложба на фотографии од Ивана Батев за Твитер-календарот 2014. Тој е продолжение на идејата за општествено ангажиран календар што во 2013 година првпат беше изработен за подигање на јавната свест за ракот на дојка.
Заедницата на луѓе активни на твитер испратија порака за здравјето, овојпат за сексуалното здравје, преку фотографии од актови.
– Општество е сложено. Мислиме дека не сме голи затоа што носиме облека, но всушност сме, бидејќи во текот на целото време кое го минуваме на социјалните мрежи се разголуваме и кажуваме интимни работи за себе во интернет просторот, изјави за БГНЕС 28-годишната фотографка Ивана Батев.
На синоќешното отворање на фотографската изложба таа раскажа дека идејата за календарот на Твитер е да се потпомогне кампањата за хуманитарни цели. Освен тоа, авторката на изложбата сака да ги надмине границите за тоа што е убаво и што и се допаѓа на јавноста.
Календарот вклучува 15 момчиња и десет девојки, но на изложбата во Софија можеа да се видат само жени, бидејќи галеријата реши манифестацијата да ја посвети на понежниот пол. Сите девојки на фотографиите се македонски и првпат застануваат голи пред фотообјективот. Меѓу нив има и архитекти, а на една фотографија заедно позираат четири активистки на една феминистичка организација од Македонија.
– Сите беа многу храбри и се однесуваа смело за време на фотосесијата, а секоја од нив имаше идеја и сакаше да покаже дека има елан, изјави Ивана, поистоветувајќи ја голотијата на луѓето на фотографиите со онаа на Интернет бидејќи, според неа, во виртуелниот простор нема прикривање, кога сме таму исто како да сме голи, а се друго е привидно.
Фотографката признава дека мажите полесно се соблекуваат од жените додека за дамите е важно да имаат мотиви и емоции за да го сторат тоа. Тие треба да бидат расположени пред самата фотосесија.
– Со овие фотографии сакаме да му покажеме на светот дека не се срамиме од тоа што го покажуваме и треба да сме горди со она што го правиме бидејќи тоа е многу важно, изјави авторката на изложбата, нагласувајќи дека мажите се уште не ги сметаат жените за рамноправни на себе во ниту еден контекст. Според неа, дури и реакциите кон голите мажи и жени се различни.
Фотографиите првпат се прикажуваат во Бугарија откако веќе постигнаа успех во Скопје. Со приходот од средствата собрани на изложбата во Скопје се купени макети кои им се неопходни на социјалните работници, а дел од средствата беа искористени за помош на дискримирани жени.