Три бесплатни претстави и дружење во Драмски на Светскиот ден на театарот

Драмски театар-Скопје утре ќе го одбележи Светскиот ден на театарот со три бесплатни претстави „Последните Македонци“ од 12:00 часот, „Чија си“ од 18:00 часот и „Огнени јазици“ од 21:00 часот.

dramski-teatar-skopje

Меѓу претставите Драмски организира и дружење со публиката, разговори за театарот, музика во фоајето, изложби и штанд со книги од „Матица“.

– Драмски ќе ги отвори вратите за својата ценета публика и ќе имаме целодневно театарско дружење. Билетите се бесплатни зашто сакаме да ја почестиме публиката на Светскиот ден на театарот, рече Роберт Велјановски, директор на ДТС.

Истакна дека сите претстави од нивниот репертоар заслужуваат да се играат на денот на театарот, но овие три се избрани за да нема поклопување на актери од една во следна претстава и зашто сценско-технолошки најбрзо се подготвуваат.

Во врска со другите содржини со кои ќе се одбележи празникот во Драмски, уметничкиот директор Рубенс Муратовски рече дека идејата не е само за тој ден, туку е долгорочна цел и генерална визија за театарот – тој да стане место за дружење и размена на идеи и посетителите да не си заминуваат веднаш по претставата, како и да се истакне моќта на театарот како комплексна уметност која ги обединува сите други уметности.

Гости на ДТС ќе бидат децата од СОС Детско село, чии цртежи ќе бидат во фоајето, заедно со изложбата на слики од Урош Вељковиќ. Во паузата меѓу првата и втората претстава ќе се пушта музика, а меѓу врората и третата, т.е. од 20 до 21 часот ќе настапат Џон Илија Апелгрин и Петар Ренџов.

Останати се уште мал број бесплатни билети за претставите на 27 март, но интересот е голем и за целата акција на ДТС „Месец на театарот“ во која влезниците за сите претстави од 15 март до 11 април се по цена од 150 денари. Директорите се задоволни од одѕивот и полната сала на театарот во изминатите десет дена.

Театарот ја нуди и се уште недоволно искористената поволност „Претстава за 49 денари“ (по повод 49 години постоење на објектот), до која се доаѓа со резервирање на фејсбук и овозможува 14 билети по таа цена од претстава.

Како и во изминатите години, Светскиот ден на театарот ќе биде одбележан со читање на македонската и на светската порака. Годинава нив ги напишаа актерката Звезда Ангеловска и режисерот Брет Бејли. Во Драмски тие снимени ќе се читаат во фојаето на секој час.

You May Also Like