Книгата „Антика во североисточниот дел од Македонија“ од д-р Звонимир Николовски денеска беше промовирана во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ …
Книгата „Антика во североисточниот дел од Македонија“ е проект на издавачката дејност на Националната установа Музеј, финансиран од Министерството за култура.
Како што рече рецезентот д-р Марина Ончевска Тодоровска, со издавањето на монографијата македонската наука добива значаен научен труд кој дава придонес за развојот на македонската археологија.
– Книгата на Николовски не пренесува во антиката и со голема успешност му овозможува на читателот да проникне во секојдневието на овие далечни времиња. Своите опсервации авторот ги изведува на територијата на североисточна Македонија која ја покриваат денешните области на Куманово, Кратово, Крива Паланка и Кочани, истакна Ончевска Тодоровска.
Во монографијата се опфатени различни типови населби, нивната стратешка позиција, комуникација, културниот и стопанскиот развој, со што се дава хронолошки профил на овој регион од државата.
– Публикацијата е плод на повеќегодишните истражувања на Николовски во текот на работата како археолог-кустос во Музејот на Куманово и преставува успешен обид кој ги сублимира досегашните и неговите истражувања на североисточниот дел на Македонија, нагласи директорката на кумановскиот Музеј Анита Цветановска.
Монографијата, освен за стручната јавност, е наменета и за пошироката читателска публика.